/ Прочитано:

1.233

Јубилејно издание на стручното списание „Правен дијалог“ на Институтот за човекови права

Институтот за човекови права го објави новиот број на списанието „Правен дијалог“. Ова јубилејно (дваесетто) издание на стручното списание „Правен дијалог“ е посветено на проблематиката околу сè позачестената дискриминација во Република Северна Македонија во сите сфери од општествениот живот, како и проблемите околу нејзиното препознавање и санкционирање.

„Од таа причина се одлучивме ова издание да го посветиме на дискриминацијата, односно на спречување на дејствијата на дискриминација, препознавање на дискриминаторските основи, како и претставување на начините за заштита од дискриминација пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, но и пред редовните судови.

Со ова тематско издание на ‘Правен дијалог’ ја одбележуваме и десетгодишнината од основањето на Институтот за човекови права, чија цел и мисија и понатаму остануваат промовирањето, унапредувањето и заштитата на човековите права и слободи преку континуирана едукација на професионалната јавност и анализата на состојбите во државата преку јакнење на капацитетите и механизмите за заштита на основните човекови права и слободи“, се вели во списанието „Правен дијалог“.

„Се надеваме дека статиите содржани во ‘Правен дијалог’ ќе ја подигнат свеста за последиците од дискриминација, како и делата на говор на омраза кои произлегуваат од неа, ќе ја запознаат пошироката јавност со формите и облиците на дискриминација и стереотипите, и ќе ја прикажат стигмата која постои околу луѓето кои се подложени на дискриминација“, истакнуваат од Институтот за човекови права од списанието „Правен дијалог“.

Во новиот број на списанието, кое може да се преземе на следниот линк, може да се прочитаат авторските трудови на:

Маргарита Цаца-Николовска (Правната рамка на дискриминацијата во Република Северна Македонија: Историска ретроспектива и актуелни согледувања);

Вера Коцо (Начелото на еднаквост и феноменот на стереотипи и предрасуди);

Игор Спировски (За добрите перспективи на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација);

Весна Стефановска (Феноменот сегрегација како посебен облик на дискриминација);

Неда Петковска (Интерсекциска дискриминација: значење и легислативата во Република Северна Македонија);

Тамара Доневска (Дискриминаторски импликации на договорите за дело);

Марија Чекреџи (Позитивна дискриминација афирмативна акција).

>>>Правен дијалог