/Прочитано:

533

Ќе се подобруваат условите за е-трговија како предност за компаниите, за граѓаните и за економијата

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија јa одржа својата прва прес-конференција, на која го одбележа официјалното започнување со работа и ги претстави мисијата, целите и годишната програма. Исто така, низ мултимедијална презентација беа претставени клучните статистички податоци за подготвеноста на Република Македонија за е-трговија и за тоа колку, каде и што се купува онлајн. Беше претставен и дел од сеопфатната анализа за состојбата со е-трговијата во земјава, изработена од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а која е поддржана од Мастеркард, и тоа: состојбата во 2017 година и растот во однос на 2010 година, но и каде се наоѓа Република Македонија во однос на европските земји.

На прес-конференцијата се обратија: претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, д-р Нина Ангеловска, гувернерот на Народната банка на Република Македонија,  Димитар Богов, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и регионалната директорка на Мастеркард за Македонија и Бугарија,  Вања Манова.

„За да знаеме каде сакаме да бидеме, за да знаеме кои ни се пречките и предизвиците, за да можеме структурно  да дејствуваме, да креираме планови и политики, потребно е да знаеме каде се наоѓаме денес. Токму и сеопфатната анализа на состојбата со е-трговијата што ја изработува Асоцијацијата за е-трговија, со поддршка од Мастеркард, има цел да ја мапира постојната состојба и врз таа основа да ги идентификува приоритетните мерки што треба да се преземат за раст и за креирање на поволна клима за развој на е-трговијата. Бидејќи бројките сами по себе не кажуваат многу ако не се споредиме, анализата вклучува споредба со другите земји од Европа. Анализата што ја работиме е поделена во три дела: подготвеност на Македонија за е-трговија, фактичката состојба со е-трговијата и препораки за развој. Иако во Република Македонија постојат предуслови за развој на е-трговијата, фактичката состојба со е-трговијата е на многу ниско ниво. Според податоците од Државниот завод за статистика и од Евростат, во 2017 година само 19,5 % од Македонците со пристап до интернет купиле/нарачале нешто онлајн во последните 12 месеци, додека просекот во ЕУ изнесува 68 %. Од компаративната анализа можеме да заклучиме дека Македонците најмногу сакаат да го користат интернетот за социјални мрежи, за телефонирање и за играње игри, додека се далеку под просекот во користењето на интернетот за: праќање и примање пораки преку имејл, за продавање производи и услуги, за барање информации за производи и услуги, за користење интернет-банкарство и сл. Според НБРМ, од вкупниот промет направен со платежни картички во РМ во 2017 година само 3 % отпаѓа на вредност во е-трговија, 29 % на ПОС-терминали и дури 67 % на подигнување и депонирање готовина од АТМ. Вкупната остварена вредност во онлајн реализирани трансакции изнесува 105 милиони евра во 2017 година, од кои 71 % се кон странски е-трговци. Според податоците на НБРМ, во земјава има вкупно регистрирани 789 виртуелни продажни места кои работат за процесирање на трансакциите со една од 5-те банки што ја нудат оваа услуга. Според нашата анализа, моментално се активни 578 веб-страници на е-трговци. Во оваа вредност треба да имаме предвид дека се земени и плаќањата сметки за телефон, вода, струја, владини услуги и сл. преку каналите за е-трговија“, изјави Нина Ангеловска, претседателка на првата Асоцијација за е-трговија на Македонија.

„Мораме и можеме да направиме заеднички напори за промовирање на е-трговијата помеѓу крајните корисници и компаниите, за подигнување на свеста на граѓаните за придобивките – купување од друг дел на светот, но и од локални продавници со брза испорака до домот, поевтини услуги/намалени трошоци, поголем избор на производи и добавувачи со можност за споредба и пронаоѓање на најповолниот производ, помалку потрошено време, купување од каде било, во кое било време итн. Потребен е систематски и холистички пристап во креирање средина што ќе стимулира е-трговија, елиминирање на бариерите и подобрување на бизнис-климата“, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Министерот Манчевски дополнително ги претстави проектите поврзани со дигитализација, како што се: фокус кон широкопојасен интернет во белите зони, е-регистарот на население, унапредување на Законот за електронска трговија и Законот за потрошувачи, и воедно ја нагласи потребата за соработка помеѓу земјите на Западен Балкан, што ќе биде и тема на Дигиталниот самит кој е дел од Берлинскиот процес, а чиј домаќин оваа година е  Македонија.

„Формирањето на Асоцијацијата е значајно бидејќи може да одигра голема улога во унапредувањето на е-трговијата, а воедно да придонесе кон други позитивни аспекти за македонската економија. Народната банка се стреми за дигитализација на македонската економија, за дигитализација на плаќањата и на општеството во целина. Безготовинските плаќања кои се стимулираат со е-трговија се воедно начин за справување со сивата економија и овозможуваат лесна евиденција и следење“, изјави гувернерот на Народната банка на РМ Димитар Богов.

„Трендот во развојот на интернет на нештата (Internet of things)  и сè поголемиот број функционалности на поврзаните уреди им овозможуваат на корисниците удобност во купувањето каде било, кога било и на начинот кој го преферираат, но во исто време безбедноста на трансакциите станува поважна од кога било. За таа цел во изминатите три години Мастеркард инвестираше повеќе од 1 милијарда долари во изградбата на безбедни и сигурни производи и мрежи, со употреба на најновите технологии и иновации”, изјави Вања Манова, упатувајќи голема поддршка до Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Таа исто така истакна дека, како поддржувачи на анализата што ја изработува Асоцијацијата, особено го охрабруваат пристапот за иницијално мапирање на состојбата и потоа врз база на тоа да се формираат на соодветни мерки.

M.В