/ Прочитано:

1.400

Коалиција СЗПМЗ: Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација со различни мислења за учебникот по „Социјална патологија“

Коалицијата СЗПМЗ потенцира дека Комисијата за заштита од дискриминација, во учебникот „Социјална патологија“ не успеа да препознае дискриминација и да препорача соодветни мерки за нејзино отстранување. Од Коалицијата истакнуваат дека Народниот правобранител позитивно се изјасни за оваа претставка и утврди дека „спорните текстови не се во согласност и не соодветствуваат со сегашната домашна и меѓународна регулатива, односно дека тие се застарени, полни со предрасуди и стереотипи кои се неприфатливи за едно модерно и демократско општество“.

Комисијата за заштита од дискриминација донесе мислење по претставка на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ за дискриминаторска содржина во учебникот „Социјална патологија“, односно Комисијата повторно не успеа да препознае дискриминација и да препорача соодветни мерки за нејзино отстранување, стои во реакцијата на Коалицијата СЗПМЗ.

По истата претставка, како што истакнуваат од Коалицијата, Народниот правобранител постапи и утврди дискриминација, а Ректоратот на УКИМ предвиде измени на Правилникот за организирање на издавачката дејност со внесување на антидискриминаторска клаузула.

„Сметаме дека ова е уште еден доказ дека членовите на Комисијата за заштита од дискриминација се непрофесионални, немаат познавања од областа за која се назначени, дејствуваат под директно партиско влијание на власта во заминување, со што работат спротивно на интересите на граѓаните. Понатаму, одговорот на оваа претставка е уште еден од многуте индикатори дека постојниот состав дејствува непрофесионално и наместо да ги штити правата на граѓаните, ги спроведува партиските интереси на власта во заминување. Собранието не смее да дозволи овој важен орган за заштита на правата на граѓаните да остане узурпиран од ВМРО-ДПМНЕ. Бараме од Собранието во најскор можен рок да почне постапка за промена на составот на Комисијата за заштита од дискриминација.

Инаку, Коалицијата СЗПМЗ во декември 2016 година поднесе претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител во врска со дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ-лицата, лицата што употребуваат дроги  и лицата што живеат со ХИВ, во учебникот „Социјална патологија“ од авторите Зоран Сулејманов и Нелко Стојановски.

Од Коалицијата истакнуваат дека Народниот правобранител позитивно се изјасни за оваа претставка и утврди дека „спорните текстови не се во согласност и не соодветствуваат со сегашната домашна и меѓународна регулатива, односно дека тие се застарени, полни со предрасуди и стереотипи кои се неприфатливи за едно модерно и демократско општество“.

„Комисијата за истиот овој учебник донесе мислење во согласност со кое во предметниот учебник не е извршена дискриминација кон горенаведените категории  лица. Во образложението на мислењето, Комисијата објаснува дека во спорните делови од учебникот ’не се содржани зборови кои упатуваат на навреди или на поттикнување омраза’. Комисијата своето мислење го оправдува и со тоа што „’слободата на научното и на уметничкото творештво е загарантирано право со Уставот на РМ, како и со други домашни и меѓународни документи‘, повторно не земајќи го предвид фактот дека слободата на изразување, вклучително и слободата на научното творештво, е ограничена со говорот на омраза и заштитата од дискриминација на граѓаните“, истакнуваат од Коалицијата СЗПМЗ.

Оттаму велат дека мислењето на Комисијата е во директна спротивност со препораката на Народниот правобранител бидејќи се работи за ист учебник, па оттука, како што нагласуваат, е нејасно како е возможно Комисијата да не успее да препознае дискриминација, погрешно да ги толкува фактите, законите и меѓународните стандарди, наоѓајќи навидум „легитимни“ изговори за дискриминаторите.

„Со ваквото постапување, Комисијата ги легитимира дискриминаторските практики, наместо да ги санкционира. Уште еднаш станува јасна потребата од итни законски измени на Законот за заштита и спречување од дискриминација, со цел професионализација и јакнење на капацитетите на Комисијата и нејзино одговорно и стручно работење“, потенцираат од Коалицијата СЗПМЗ.

А. Б.