/ Прочитано:

956

Комисијата за одбрана и безбедност расправаше за Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање

Комисијата за одбрана и безбедност одржа Јавна расправа по Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање.

Со седницата претседаваше претседателот на Комисијата, Хари Локвенец, кој како предлагач на Предлог-законот заедно со пратеникот Џевад Адеми, даде образложение по истиот.

Локвенец информира дека овој е четврти и последен закон поврзан со реформите во безбедносниот сектор, после донесените Закони за Оперативно-техничка агенција, Агенција за национална безбедност и за Координација на безбедносно-разузнавачката заедница, сите донесени преку јавна расправа, со координација и консензус меѓу пратеничките групи, експерти и релевантни чинители.

Имајќи предвид дека Агенцијата за разузнавање е безбедносно-разузнавачка служба чија главна надлежност е да собира податоци и информации од странство кои се однесуваат за заштита на националната безбедност на државата, нужно се појавила потребата од донесување нов закон за истата, со цел усогласување со законите на другите безбедносно-разузнавачки служби.

Целта на Законот е да се направи јасна дистинкција меѓу Агенцијата за национална безбедност, чија надлежност се поклопува со надлежноста  на Агенција за разузнавање, согласно постојниот закон. Во новиот закон јасно е дефинирана надлежноста на Агенцијата да собира, обработува, анализира, разменува, чува и штити податоци и информации од странство, кои се од значење за безбедноста, одбраната, надворешно-политичките интереси на државата.

„Со усвојување на новиот закон за Агенцијата за разузнавање, земјава ќе се стекне со модерна, професионална и ефикасна служба за надворешно разузнавање, способна во секој момент да се соочува со предизвиците. Исто така, ќе се заокружат започнатите реформи во безбедносниот систем, сѐ во полза на националната безбедност и граѓаните воопшто.

Потребата од моделирање на Законот за Агенцијата за разузнавање, кој постои од 1995 година и досега нема претрпено измени, е наметната и од европските и особено од НАТО пријателите, во пресрет на очекуваното приклучување во Северноатлантската алијанса.

Заради важноста од донесување на законот, тој се носи во скратена постапка, на што забелешка имаше пратеникот Емил Димитриев, во име на опозицијата, со образложение дека е потребно поквалитетно законско решение од предложеното, со оглед на намерата да се градат институции кои ќе даваат резултати на долг рок.

Во дискусијата по Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање, експерти и засегнати страни имаа можност да ги искажат своите мислења, забелешки и сугестии. Беше истакната очигледната потреба од предложените промени во Законот, кои требале да се направат уште многу поодамна за да оваа Агенција стане рамноправна со другите модерни агенции и разузнавачки служби во Регионот и пошироко“, се наведува во соопштението на македонското собрание.