/ Прочитано:

1.901

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ: Потребно е праведно оданочување – богатите да плаќаат повеќе, а сиромашните помалку

Денеска во организација на тинк-тенк организацијата „Аналитика“  се одржа конференцијата „Мониторирање на јавните финансии во Република Македонија“.  На конференцијата беа презентирани податоците од истражувањето на „Аналитика“ во однос на јавните финансии и мониторингот на  областите на јавна инфраструктура, јавен долг, јавно-приватни партнерства и праведното оданочување.  

Македонија, се посочува во истражувањето на „Аналитика“, треба да го напушти постојниот модел на „рамен данок“ и да воведе модел на „праведно“ (т.е. прогресивно) оданочување. Ова особено се однесува на данокот на добивка и персоналниот данок на доход и данокот на добивка. Во таа насока, на денешниот настан беше истакнато дека е потребно да се покрене и даночниот морал во земјата, при што државата тука има главна улога, бидејќи моралот се поткрева кога граѓаните знаат зошто плаќаат даноци.

„Реформите во даночната политика треба да одат заедно со реформите во социјалната политика, при што треба да се воведе минимален гарантиран доход на најранливите категории граѓани, да се направи вистинска социјална карта на социјално загрозените, а субвенциите да престанат да имаат социјален карактер и да почнат да ја добиваат онаа развојна компонента“, истакна Бојана Христовска од тинк-тенк организацијата „Аналитика“.

Христовска нагласи дека нееднаквоста во светот секаде се зголемува и Македонија е на најлошо можно ниво и според доходовната нееднаквост и според нивото на сиромаштија. Итно се потребни реформи за да се напушти ерата на даночни раеви, што уште повеќе ја подгрева кризата на нееднаквост и значи одлевање средства особено од сиромашните држави.  Потребно е, додаде Христовска, да се напушти моделот на рамни даноци и огромни даночни ослободувања и веднаш да се спроведе даночната реформа, со акцент на прогресивното оданочување.

„Секаде во светот, како и на Балканот, постојат фрапантни податоци дека најголемите компании не само што не ги плаќаат законските даночни стапки, туку дури добиваат и поврат од државата. Пример за тоа е Унгарија, каде што доколку даночната стапка на добивка е девет проценти, најголемите 10 компании плаќаат само 0,5 проценти. Дајте еднаш засекогаш да прекинеме со овие практики“, нагласи Христовска,  додавајќи дека суштински е да се оданочат профитите.

На денешната конференција беше истакнато дека покрај најавеното воведување прогресивно оданочување на персоналниот данок на доход, Владата размислува и за промени кај данокот на добивка, но не и за воведување прогресивна стапка.

Во таа насока, Бранимир Јовановиќ, советник во Кабинетот на министерот за финансии,  истакна дека се подготвуваат промени кај данокот на добивка. Кај данокот на добивка, вели Јовановиќ, има многу поважни работи отколку прогресијата, односно дека стапката не е толку битна, колку што е важно како да се регулира намалувањето на даночната основица.

„Во програмата на Владата, тоа не е ставено, но дефинитивно се размислува за промени и кај данокот на добивка. Воведувањето прогресивен данок на добивка во моментов не е толку важно, како што се важни некои други работи кај него. Данокот на добивка е многу посложен од персоналниот данок на доход и поради тоа што компаниите имаат многу можности за намалување на основицата и за избегнување на т.н. повисока стапка и поради тоа прогресивниот данок на добивка не е приоритет кога се разгледуваат опциите за промена на данокот на добивка. Но, дефинитивно се размислува за промени. Не само што се размислува, туку имаме и препораки од меѓународни организации и од стопански комори, што е можеби зачудувачки“, истакна Јовановиќ на конференцијата „Мониторирање на јавните финансии во Република Македонија“.

Во однос на јавниот долг, потребно е поставување построги правила за пресметка и прикажување на висината и структурата на јавниот долг и потребно е да се вратат некои од старите правила во фискалната стратегија, вклучувајќи и јасно дефинирани целни нивоа на државниот и јавниот долг, како и лимити на нови заеми за период од една година и максималниот износ на гаранциите. Во истражувањата на „Аналитика“ за јавното-приватно партнерство се вели дека тоа  треба да биде во јавен интерес за да се избегнат митото и корупцијата во договорите.

„Со цел почесто да се користи јавното-приватно партнерство, потребно е подобро да се информираат чинителите за ЈПП. € Ефективно и ефикасно ЈПП како и одржливо ЈПП, значи добро подготвена студија за изводливост, тендерска документација и договор за ЈПП“, посочуваат од „Аналитика“ во истражувањата.

Во врска со јавната инфраструктура, пак, потребно е итно да се усвојат стратегиите што недостасуваат во секторите транспорт и енергетика и сериозно и инклузивно вклучување на сите релевантни чинители за време на подготовката на стратегии и акциони планови.

М.В