/ Прочитано:

2.441

КОНСУЛТАТИВЕН СОСТАНОК: Анализа на правото на бесплатен бранител по службена должност

Хелсиншкиот комитет спровел истражување врз основа на податоци добиени од 25 основни судови во државава, кои се однесуваат на поставувањето на бранители по службена должност, на можноста за избор на бранител од страна на обвинетите лица и на бројот на ангажирани бранители во 2015 година.

2 arka

Во кривичната постапка, правото на бранител се смета како фундаментално право на одбраната во кривичниот судски систем во Македонија. Новиот Закон за кривична постапка предвидува задолжителна одбрана во смисла на тоа дека судот назначува адвокат во случаи кога обвинетите не можат да се застапуваатсами. Доколку немаат адвокатобвинетите, претседателот на судот им  назначува по службена должност.

Хелсиншкиот комитет спровел истражување врз основа на податоци добиени од 25 основни судови во државава, кои се однесуваат на поставувањето на бранители по службена должност, на можноста за избор на бранител од страна на обвинетите лица и на бројот на ангажирани бранители во 2015 година.

Податоците од истражувањето ќе се вклучат во регионалната анализа во рамки на проектот „Унапредување на заштитата на правата на обвинетите во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Македонија и Албанија“, која ќе биде преставена во јуни.

Од податоците добиени од македонските судови утврдено е дека на листите на адвокати кои постапуваат по службена должност се наоѓаат 970 адвокати, а од нив 643 биле ангажирани по службена должност.

Од Хелсиншки потенцираат дека овој податок не може да се земе како апсолутен бидејќи на некои листи на судовите се наоѓаат сите адвокати што работат на одредено подрачје, но не може со сигурност да се каже дали сите би застапувале некого по службена должност.

„Сите адвокати кои биле ангажирани, биле ангажирани поради тоа што одбраната била задолжителна. Ниту еден суд во 2015 година не ангажирал адвокат поради тоа што обвинетиот бил сиромашен“, вели Воислав  Стојановски од Хелсиншкиот комитет.

3 arka

Приходите што се одвојуваат за ангажирање бранител по службена должност во изминатите три години, според податоците добиени од Судскиот совет, се движат во износ од околу 5 % од вкупниот судски буџет.

За 2013 година, 26 основни судови во земјава потрошиле 261 илјада евра  за бесплатна правна помош од судскиот буџет, за 2014 година оваа бројка изнесувала 244 илјади евра, додека за последната година, 2015, за ангажирање адвокати по службена должност биле потрошени 256 илјади евра.

Одговорите што ги добил Хелсиншкиот комитет од судовите низ Македонија покажуваат дека најголем број од судовите го исплаќаат надоместокот за адвокати по службена должност со задоцнување од четири месеци до две години.

Според Законот, судот е надлежен да го следи квалитетот на одбраната и треба да реагира по своја иницијатива или по иницијатива на обвинетиот доколку има послаб квалитет или помалку се ангажира адвокатот што е поставен по службена должност, се наведува во анализата на Хелсиншки. Исто така, судот треба да ја известува Адвокатската комора која треба да спроведе и дисциплинска постапка доколку бидат утврдени повреди.

Според дел од адвокатите, застапувањето по службена должност треба да се прецизира со цел да им се овозможи на поголем број адвокати да влезат на листите.

Адвокатот Константин Кратовалиев вели дека бранителот по службена должност треба да го застапува обвинетиот целосно и да се подготвува максимално за секое рочиште како и за кој било друг случај.

1 arka

„Зависи од личноста на адвокатот дали целосно ќе се вклучи во процесот или ќе претставува само декор. Најважно е адвокатот да биде професионално ориентиран и како личност да биде подготвен да одговори на предизвиците на професијата – да го штити клиентот и правото на клиентот. Нашата професија е како докторската, доколку ние ја напуштиме основната етика која ја имаме, тогаш прашање на вкус е зошто сме во оваа работа“, вели Кратовалиев.

Колку вложуваат во одбраната бранителите назначени по службена должност, зависи од нивната посветеност на случајот за кој се назначени. За целосно вложување во одбраната, според адвокатката Мирјана Ивановска-Бојаџиева, најдобро би било адвокатите по службена должност да бидат со постојано вработување во судовите.

„Многу е важно адвокатите по службена должност да имаат и повеќегодишно искуство кое ќе можат соодветно да го употребат при застапувањето на обвинетите“, вели Ивановска-Бојаџиева и додава дека покрај искуството многу е важно и она што го добива адвокатот за својата работа – да биде соодветно вреднуван и платен.

М.С.