/ Прочитано:

2.447

Кривичната постапка ќе ја оствари својата цел единствено ако има вистинска еднаквост на оружјата на странките во постапката

Практиката не го оправда концептот на новиот Закон за кривичната постапка и неопходни се измени со цел подобрување на позицијата на одбраната и осигурување ефективна одбрана на клиентите на адвокатите, истакна претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, во своето воведно обраќање и на дводневната обука што во организација на Адвокатската комора на РМ се одржа во Битола.

„Моето лично искуство, како и коментарите на колегите за ЗКП можам да ги резимирам со следново: воодушевувањето од воведувањето на странечката постапка во Република Македонија беше многу поголемо пред да започне нејзината примена, отколку што е сега – три години и повеќе  по таа примена. Јас сум должен да кажам дека практиката, за жал, не го оправдува добриот концепт којшто ние го прифативме со отворени раце  – не поради тоа што концептот не е добар, туку поради тоа што сè уште врз основа на нашето опкружување, нашето историско искуство во примената на кривичната постапка, како и врз основа на менталитетот што долги години е граден и кај обвинителите како странки, кои сега конечно се во вистинска смисла странки, а особено кај судиите, тој е таков што многу тешко ги трпи промените коишто овој закон ги бара. Се надеваме дека сето тоа со подобрување на законскиот текст, но и со промена на менталитетот и со разбирање на системот, понатаму ќе ни го зголеми повторно оптимизмот во примената на законот“, истакна Додевски.

И оваа обука, додаде претседателот на АКРМ, е дел од она што сакаме да го направиме, имено да ги поентираме сите слабости и да направиме обид да го подобриме законскиот текст, но  и да ги отстраниме слабостите, не само како текст, туку и како различни толкувања на законот  и како празнини кои можеби оставаат простор за толкувања.

„Од искуството кое претходеше на примената на Законот можам да ви кажам дека за подобрување на законскиот текст беше оформена работна група  која повеќе од четири месеци работеше на измените на ЗКП. Во таа работна група, како претставници на Адвокатската комора на РМ бевме вклучени јас и колегата Дељо Кадиев и навистина направивме максимум со нашето стопроцентно присуство и активност на сите состаноци и по наше видување направивме добар текст кој беше обемен, опфати можеби повеќе од  150 члена од ЗКП,  кој требаше да придонесе за подобрувања во интерес на одбраната. Но, како што, за жал, се случува, дали често или ретко не знам, немам статистики бидејќи не сум човек кој премногу често учествувал во изработки на закон, текстот заврши во некоја фиока и не го виде светлото на денот ниту на стартот на примената на законот, ниту денеска, три години по примената, а сметам дека ќе бевме во многу поразлична позиција доколку тие измени стапеа во сила. Причината може и не треба да ви ја кажувам, но сум должен да кажам дека по мое длабоко уверување, кое не беше ни криено во натамошниот тек  на постапката, тоа е незадоволството на обвинителството од премногу измени во корист на одбраната. Поради тоа се оформи некоја друга работна група од обвинителството и тогаш веќе работите изгубија и континуитет и суштинска смисла. И главната работна група која го подготвуваше законот, во која не знам од која причина ние не бевме дел, ги согледа дефектите на законот, но заврши така како што заврши. Но, никогаш не е доцна и затоа сме и денес тука – да видиме што е она што треба да го направиме за подобрување на позицијата на одбраната и осигурување на ефективна одбрана на нашите клиенти“, истакна претседателот на Адвокатската комора на РМ, Додевски.

Предавачи на обуката на која се говореше за аспектот на практичната примена на Законот за кривичната постапка и за предлози за надминување на проблемите на овој закон со кои се соочува одбраната беа: Љубомир Михајловски, адвокат од Скопје и Никола Главинче, адвокат од Битола и претседател на Адвокатската заедница Битола.

Предавачите во своето предавање се осврнаа на најважните новини во кривичната постапка, по што беше спроведена симулација на главна расправа, а адвокатите низ дискусија ги акцентираа проблемите со кои се соочуваат во реалноста при практичната примена на Законот за кривичната постапка.

Генерален заклучок од обуката е дека кривичната постапка ќе ја оствари својата цел единствено ако се обезбеди вистинска еднаквост на оружјата на странките во постапката и за таа цел, нужно е да се поддржи адвокатурата за вистински да почне да функционира акузаторниот систем.

Обуката беше спроведена во рамки на едногодишниот проект „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“ кој Адвокатската комора на РМ го спроведува во соработка и со финансиска поддршка на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД во Скопје.

М.В