/ Прочитано:

1.054

Кривичниот суд бара од Министерството за правда просторија за водење на случајот „Дива Населба“

„Бараме да ни определи друга поголема просторија, надвор од судската зграда, каде што би се одвивал процесот на судење по овој предмет, притоа внимавајќи на достоинството на Судот и на странките, посебно од аспект на големата медиумска заинтересираност за процесот“, велат од Судот.

Osnoven-sud-Skopje-1

Кривичниот суд преку соопштение истакнува дека ги демантира тврдењата на дел од адвокатите во процесот „Дива Населба“ дека Судот не обезбедува услови за водење на постапката.

„Како што информиравме и претходно, бидејќи Врховниот суд го одби нашето барање за користење на големата сала на овој суд, главната расправа се одржува во големата судница на нашиот суд каде што се обезбедени сите неопходни услови, во согласност со Законот за кривична постапка, за водење на процесот“, велат од Судот.

На денешното судење, освен обвинетите и нивните бранители, како и лицата задолжени за спровод и обезбедување, во судницата беа присутни и претставници на мисијата на ОБСЕ и Косовската амбасада. Дополнително, заради транспарентно и непристрасно следење и пренесување на случувањата во судницата, Судот обезбеди видеоконференција од судењето за медиумите, во библиотеката на Судот каде што денеска присуствуваа 23 новинари од различни медиуми, како и претставници на Хелсиншкиот комитет и Коалицијата – „Сите за правично судење“, велат од Судот.

„Во судницата беа обезбедени дополнителни 10 до 15 места предвидени за роднините на обвинетите кои побараа присуство како јавност. Но и покрај сето тоа, дел од адвокатите во процесот се спротивставија на ваквата одлука на Судот и наместо со правни аргументи да го образложат нивното барање, решија да го напуштат судењето сѐ додека Судот не обезбеди услови за присуство на сите роднини на обвинетите кои беа пред судската зграда“, велат од Судот.

2 sud

Оттаму додаваат дека по завршување на главната расправа, претседателот на судот, Владимир Панчевски, по барање на неколку претставници на семејствата на обвинетите, остварил средба со нив во присуство на косовскиот амбасадор, на која им било објаснето дека Судот ги има исполнето сите права и обврска кон обвинетите, гарантирани со Закон, во поглед на правото на посети на нивните роднини, а воедно им било објаснето дека присуството на роднини на обвинети на главната расправа не е предуслов за одржување на судењето.

Покрај тоа, Судот се обратил и до Министерството за правда со барање до министерот за правда, доколку е во можност, со посебна одлука да им ја додели големата сала на Врховниот суд на користење, со што би се надминал овој технички проблем.

„Во спротивно, доколку и на овој начин не се обезбеди големата сала на Врховниот суд, бараме да ни определи друга поголема просторија, надвор од судската зграда, каде што би се одвивал процесот на судење по овој предмет, притоа внимавајќи на достоинството на Судот и на странките, посебно од аспект на големата медиумска заинтересираност за процесот“, велат од Судот.