/ Прочитано:

4.818

Легализацијата на дивоградбите – нова шанса за граѓаните да го остварат своето уставно право на сопственост

Владата го усвои Предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со ова, велат од Владата, се дава нова можност за легализација на дивоградбите.

Министерството за транспорт и врски по извршената теренска анализа и непосреден контакт со засегнатите странки утврдило дека во Република Македонија досега процентот на легализирани дивоградби е на ниво од околу 40 или околу 186.000 објекти кои се легализирани и запишани во катастарот. Во најголем број случаи, поради обемната и сложена административна постапка, граѓаните не успеале во предвидениот рок да го остварат своето право.

„Тргнувајќи од принципот дека легализацијата на дивоградбите мора да биде достапна до сите категории граѓани на кои овој проект им е неопходен за да си го остварат конечно своето уставно право на сопственост и притоа државата да води сметка да не го загрози социјалниот аспект на живеење“, вели министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Според предлогот на Министерството, во врска со легализацијата ќе се воведат нови рокови со кои на засегнатите граѓани ќе им овозможи дополнително време и тоа: прво, нови 12 месеци сметано од 1 јануари до 31 декември 2018 година за сите граѓани кои претходно не успеале да поднесат барање за легализација и сега тоа свое право да можат да го остварат во овој дополнителен рок.

„Второ, нови шест месеци сметано од 1 јануари до 30 јуни 2018 година за сите граѓани кои за претходните барања не ја обезбедиле неопходната документација да стекнат право во овој дополнителен рок да поднесат нови барања за легализација со комплетна документација“, вели Сугарески. Услов за легализација на објектот е тој да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година. Тој појасни дека и натаму остануваат истите неопходни документи за аплицирање како и претходно.

Дополнително, посочува Сугарески, за да нема никакви компликации за сите претходни предмети кои имаат некомплетна документација, единиците на локалната самоуправа преземаат обврска во најкус рок да ги известат сите засегнати странки дека нивните претходни барања се невалидни, за да можат да го искористат новиот рок од шест месеци да поднесат ново барање со целосна документација.

„Сметаме дека со тоа што предвидовме овие рокови да започнуваат да течат од 1 јануари 2018 година, им оставаме доволно време на сите општини во Република Македонија, како и ние во Министерството за транспорт и врски, заедно да ги извршиме сите неопходни подготовки, за да ги ставиме во функција сите расположливи капацитети за да можеме сите нови барања за легализација на дивоградбите да ги завршиме во предвидените рокови“, истакна Сугарески.

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Нов рок за доставување на барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти

М.В