/ Прочитано:

1.472

Меѓународна конференција на трудот во Палатата на нациите во Женева

Делегација од Министерството за труд и социјална политика, синдикатите и работодавачите од Македонија присуствува на Меѓународната конференција на трудот во Палатата на нациите во Женева, Швајцарија, на која истовремено се одбележува и 100-годишнината на Меѓународната организација на трудот.

Во името на делегацијата, на сесијата на која присуствуваат претставници од над 180 земји, се обрати Мирјана Алексевска, раководител на Секторот за политики од областа на трудовото право и политики за вработување.

Алексевска истакна дека овој јубилеј треба да нè потсети на досегашните достигнувања во областа на трудот, но и да ја искористиме 100-годишнината како мотив за гледање нанапред во разрешувањето на динамичните односи кои ги носи современиот развој и технологијата.

„За да ја намалиме невработеноста на младите во Северна Македонија втора година по ред ја имплементираме Гаранцијата за млади. Младинската гаранција е дел од европските носечки иницијативи и има цел да им обезбеди на младите лица во период од четири месеци од пријавувањето во Агенцијата за вработување квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука, или практикантство. Во оваа прилика би сакала да информирам дека поставената цел е надмината и реализацијата на Гаранцијата за млади во 2018 година, која се пилотираше во три општини, изнесуваше 41,7%, што нè охрабри и годинава да ја спроведуваме”, рече Алексевска.

Гаранцијата за млади се спроведува со техничка помош на Меѓународната организација на трудот, а Република Северна Македонија е прва земја во регионот што ја имплементира.

„Во насока на нашата посветеност за побрзо вклучување на младите лица на пазарот на трудот донесовме и посебен Закон за практикантство, со кој се дава можност на млади невработени лица одреден временски период да реализираат практична работа во реални услови и за тоа да им биде платено. Со тоа ја зголемуваме нивната вработливост“, рече Алексевска, додавајќи дека и понатаму ќе се работи на  унапредување на работните услови, намалување на родовиот јаз и нееднаквоста во пазарот на трудот, свесна за значењето на социјалниот дијалог и заедничката борба на сите чинители за пристојна работа, во услови на слобода, еднаквост, сигурност и човечко достоинство.

М.В