/ Прочитано:

3.423

Предлог-законот наскоро ќе се најде во владина процедура

Министерството за здравство предлага закон за легализација на марихуаната за медицински цели

Министерот за здравство Никола Тодоров најави легализација на канабисот за медицински цели. Според Тодоров, Министерството за здравство заедно со Агенцијата за лекови и медицински средства подготвиле измени и дополнувања на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, со кои би се легализирала контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели.

MarihuanaКако што објасни  Тодоров, според предлог-законот канабисот ќе може да се произведува и користи само во Македонија и ќе може да го произведуваат исклучиво правни лица  кои имаат одобрение за производство на екстракти од коноп.

„Правното лице не може конопот како суровина да го извезува ниту да го продава, туку истиот ќе мора да го преработува во Македонија“, потенцираше Тодоров.

Предлог-законот за легализација на канабисот во медицински цели, како што рече Тодоров наскоро ќе биде поднесен во владина процедура.

„Во недела ќе организираме уште една јавна расправа за да слушнат и дополнителни предлози, сугестии и забелешки, за да се подобрат предложените измени“, рече Тодоров.

Законот предвидува дека правните лица треба да го реализираат производството и одгледувањето  на  сличен начин како афионот.

„Неопходен е посебен простор, атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри. Да има 24 часовен видео надзор и физичко обезбедување со контролиран семенски материјал кое ќе биде увезено исто така со одобрение на Земјоделскиот факултет“, рече Тодоров.

Дозволата ќе ја издава Министерството за здравство. Истовремено со законот ќе се регулира и добивањето на екстрактот од конопот.

„Врз основа на исполнетоста критериумите, Министерството за здравство ќе издава дозвола за одгледување на канабис за медицински цели. Целиот процес ќе биде надгледуван од две одговорни лица – агроном од насока полјоделство и фармацевт, со најмалку три години работно искуство. Покрај одгледувањето, детално ќе се регулира и процесот на производство на масло од суровината. Веќе е изготвен Предлог правилник за регулирање на условите за регулирање на условите за простор, опрема и кадар за добивање на екстракти од ова растение“, истакна Тодоров.

Во делот на простор, посочи, дел од предвидените услови се: магацински простории за прием, сместување и чување на суровини, простории за производство на екстракти и пакување на производите, простории за контрола на квалитетот на суровините, материјалите за пакување на екстракти, и други, а контролата на квалитет треба да се врши во посебно опремена контролна лабораторија, која минимум треба да има: просторија за физичко- хемиска контрола и просторија за контрола на микробиолошка чистота.

„Во делот на кадар, правното лице мора да има вработено одговорно лице за производство на секоја серија на екстракт, одговорно лице за контрола на квалитетот на секоја серија на лек и одговорно лице за ставање на серија на лек во промет, а со стекнато соодветно образование односно специјализација во областа“, рече Тодоров.

Во аптеките ќе се води детална книга за наркотика

Со законското решение ќе се  регулира и начинот на издавање на овие препарати во аптеките. Ваква терапија можат да препишат само лекари специјалисти и тоа за болка, за ХИВ, за онколошки заболувања, а ќе биде прецизирана и потребната доза.

„За издавање на препаратите ќе се води во аптеките детална книга за наркотика, односно ќе се евидентираат лични податоци за пациентот кое ја користи терапијата“, рече Тодоров и додава дека ќе се евидентира и лекарот што ја препишува терапијата и утврдува дијагнозата на пациентот.

Доколку законот го помине и собранискиот филтер, как што рече Тoдоров, се очекува да стапи во сила на 2016 година.

Според минстерот, домашните и  странски компании ќе има сериозен интерес да произведуваат и преработуваат коноп во Македонија, односно екстрактот од канабис и да се најде во аптеките и да биде достапен до пациентите.

Доколку се изгласа предлог-законот, Македонија ќе стане 14-та држава во Европа каде е легализран канабисот за медициски цели по Чешка, Финска, Романија, Италија, Шпанија, Холандија, Франција, Австрија, Португалија, Германија, Велика Британија, Словенија и Хрватска.

>> ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА МАРИХУАНАТА ВО МЕДИЦИНСКИ ЦЕЛИ: Говорите на Маријана Китаноска и Сања Јоциќ на Ораторската вечер „Иво Пухан“