/ Прочитано:

1.021

МРЕЖА 23: Изборот на судии да биде ставен во мирување сè до исполнување на Итните реформски приоритети во правосудството

Оттаму велат дека се согласуваат дека во одредени судови има потреба од судии, но сметаат дека отсуствува план за спроведување на Итните реформски приоритети на Европската комисија. Затоа тие предлагаат да биде одложен евентуален избор на судии сѐ до исполнувањето на следните Итни реформски приоритети во областа на правосудството.

Судски совет на РМ, табла

Мрежа 23, проектот во кој се обединети повеќе невладини и граѓански организации, реагира на изборот на судии кој денеска го изврши Судскиот совет на Република Македонија.

Од Мрежа 23 велат дека oва е третпат Судскиот совет да избира претседатели на судови и судии непосредно пред предвидените предвремени избори.

„Потсетуваме дека Судскиот совет на Република Македонија во претходниот период избра осум претседатели на судови и објави оглас за избор на десет судии на 23.2.2016 година и седум судии на 6.4.2016 година, во двата случаи на само еден ден пред планираното и продолженото распуштање на Собранието“, велат од Мрежа 23.

Оттаму велат дека се согласуваат дека во одредени судови има потреба од судии, но сметаат дека отсуствува план за спроведување на Итните реформски приоритети на Европската комисија. Затоа тие предлагаат да биде одложен евентуален избор на судии сѐ до исполнувањето на следните Итни реформски приоритети во областа на правосудството:

– да се деполитизира назначувањето и унапредувањето на судии и обвинители во практиката, а не само теоретски, врз основа на транспарентни и објективни критериуми, засновани строго на заслуга, применети во транспарентна и отворена постапка;

– да се воспостави усогласен систем за оцена на резултатите заснован на квалитативни, покрај квантитативните стандарди, како основа за сите одлуки за кариера;

– да се обезбеди професионалност на Судскиот совет во практиката, а не само теоретски (т.е. јасно и предвидливо тестирање за примена на законската одредба за „истакнат правник”).

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, изјави дека огласот за избор на судии бил објавен пред која било политичка одлука.

„Ние сме независна судска власт и воопшто не нè интересира политиката. Единствено препораките и насоките на Државната комисија за спречување на корупцијата, иако јас се спротивставувам на тоа како независна судска власт, меѓутоа ние одлуките ги почитуваме и кога се распишани избори, не вршиме избор за да не биде злоупотребено како дневнополитичка потреба на некоја политичка структура“, рече Караџовски.

Денеска беше направен избор на 25 судии во повеќе судови во земјава.

ИЗБОР НА СУДИИ: Дури 68 кандидати конкурирале за 5 места во Апелациониот суд во Скопје