/ Прочитано:

1.636

Измени на ЗРО за продолжување на работниот век на судиите и обвинителите до регрутација на нови кадри

Министерството за труд и социјална политика во Собранието на РСМ поднесе измени на Законот за работните односи. Измените се поднесени по скратена постапка и со европско знаменце.

„Измените на Законот за работни односи се предлагаат во делот на престанок на договорот за вработување, со предвидување на исклучок за судиите и јавните обвинители и предвидување одредби за продолжување на нивниот мандат. Временската важност на овие одредби ќе трае најмногу до три години се со цел да се постигне пополнетост на местата во судовите и јавните обвинителства“, се вели во законското образложение.

Почетната обука на кандидатите за судии и јавни обвинителиво Академијата за судии и јавни обвинители трае две години, а по нивен избор за судии/обвинители, првите пет години судат на предмети кои не се од сложен карактер. На овој начин се врши усогласување со препораките од Оценската мисија за судска обука.

„Имајќи ги во предвид роковите утврдени за влез во Академијата па се до нивниот избор ќе се доведе до ситуација да одредени судии/обвинители во тој период заминат во пензија и да им престане работниот однос по сила на законот. А од друга страна, кандидатите за судии/обвинители сеуште нема да бидат дел од правосудниот систем и ова ќе доведе до намалување на бројот на судии и обвинители кои треба да се справат со редовниот прилив на предмети“, се посочува во законските измени.

Со измените и дополнувањата на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 151/21), членот 104 претрпе измени во насока на тоа дека работодавачот го прекинува договорот за вработување кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.

Со овие законски измени ќе се надмине состојбата со упразнување на судиските односно јавнообвинителските места се до пополнување и регрутација на нови кадри во судството, односно обвинителството заради пополнување на упразнетите места согласно систематизацијата за работни места.

„Заради растоварување на оние судии кои што ќе се најдат во положба да ја работат и работата на оние судии кои што би се пензионирале во текот на оваа година, а притоа разгледувајќи ги сите решенија, најприфатливо е да се даде можност за продолжување на работниот однос на одредени дефицитарни професии, после навршени 64 години возраст и 15 години пензиски стаж. Продолжувањето на работниот век на судиите и обвинителите е од суштински јавен интерес и ќе овозможи моментално непречено извршување на судската власт како есенција во владеење на правото. Со ова законско решение се решава моменталниот проблем на немање на нови профилирани кадри на судии и обвинители, кои би ги замениле кадрите кои во наредните три години би заминале во пензија. Ова предлог законско решение ќе го спречи парализирање на работењето на судовите и обвинителството поради одлевање на кадри по основ на пензионирање. Во судовите со одливот на судии ќе останат непополнети 60 места за судија, а додека во обвинителствата ќе останат непополнети 13 јавнообвинителски места. Со цел зацврстување на улогата на судството и обвинителството и заради нивно непречено функционирање со постигнување поголем степен на кадровска екипираност и финансиска независност, зајакнување на внатрешните контролни механизми, се појави потреба да се пристапи кон дополнување на Законот за работните односи“, се образложува во законските измени.

Во законските измени, исто така, се нагласува дека Основните начела на ОН Препораката Бр. Р (94) 12 и Европската повелба за статусот за судии се однесуваат  на можноста за избор за траен мандат, отколку на избор до пензионирање. Европската пракса е, главно, судиите да се избираат со траен мандат до пензионирањето. Советодавниот совет смета дека, таму каде по исклучок, судиите со целосен мандат се избираат на одредено време, не се потребни промени, доколку постапките обезбедуваат судијата, да се смета за реизбран од страна на изборното тело доколку тој сака.