/ Прочитано:

1.290

МТСП: Царовска на средба со претставници на Граѓанската иницијатива „5 до 12“, со цел поголема ефективност на полето на вклученост на лицата со попреченост  

По извршените анализи внатре во Министерството за труд и социјална политика, предлози што ќе бидат ставени на разгледување во работната група се: укинување на границата од 26 години за користење на правото за скратено работно време на родителите што имаат деца со попреченост, а ќе се преоценат програмите за работа на дневните центри за деца со попреченост на територијата на Република Македонија. Од страна на МТСП, веќе се побарани податоците од сите центри во државата, со поддршка на УНИЦЕФ.  Изготвена е анализа за алтернативните форми на згрижување и во согласност со препораките и забелешките во наредниот период ќе се преземат соодветни чекори во насока на доекипирање на центрите, овозможување соодветни едукации и слично

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одржа работна средба со Граѓанската иницијатива „5 до 12“, со цел одблиску да се запознае со барањата на претставниците на здруженијата за поддршка на лицата со попреченост во насока на интервенции во постојните законски и подзаконски акти кои се однесуваат на унапредување на правата на оваа категорија лица. На средбата беше присутен и претставник на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија.

Средбата беше продуктивна и од неа произлегоа конкретни предлози. Дел од нив можат веднаш да бидат имплементирани, а некои ќе бидат преточени во законски измени подоцна, бидејќи претходно треба да се направат анализи на буџетските импликации.

На состанокот е договорено да биде формирана работна група од претставници на МТСП, на неформалната коалиција „5 до 12“,членови на Ресурсен центар, на Советот на национални организации, претставник на Координативното тело за изедначување на правата на лицата со попреченост и на Хелсиншкиот комитет, а како мониторинг на целиот процес ќе биде повикан и Народниот правобранител.

По извршените анализи внатре во Министерството за труд и социјална политика, предлози што ќе бидат ставени на разгледување во работната група се следниве:

укинување на границата од 26 години за користење на правото за скратено работно време на родителите што имаат деца со попреченост;

ќе се разгледа воведениот материјален цензус за користење на правата на помош и нега, мобилност, слепило и глувост;

ќе се разгледа можноста за поголема професионализација на Првостепената комисија за нега и помош од други лица, таа технички и кадровски да се доекипира и да може да ги спроведува увидите во домот на корисникот. Исто така, конзилијарните комисии од прв степен за ова право треба да бидат укинати за да се намалат административните процедури за оваа категорија граѓани;

ќе се преоценат програмите за работа на дневните центри за деца со попреченост на територијата на Република Македонија. Од страна на МТСП, веќе се побарани податоците од сите центри во државата, со поддршка на УНИЦЕФ.  Изготвена е анализа за алтернативните форми на згрижување и во согласност со препораките и забелешките во наредниот период ќе се преземат соодветни чекори во насока на доекипирање на центрите, овозможување соодветни едукации и слично;

ќе се провери неспроведувањето на Законот за Националната база на податоци за лица со инвалидност донесен во август 2015 година, односно за почеток е договорено да се создаде регистар на лица со попреченост преку вмрежување на податоци од постојните системи, како што се: Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување и Ресурсниот центар на родители коишто имаат деца со посебни потреби;

Со МИОА ќе се провери до каде се постапките за веб-страниците на сите државни органи да бидат пристапни за лицата со попреченост.

Министерството за труд и социјална политика, во соработка со другите министерства и релевантни институции, ќе продолжи со активности кои ќе придонесат за поголема ефективност на полето на вклученост на лицата со попреченост.