Конференција на ХОПС: „Модели за финансирање на програмите за превенција на ХИВ и намалување на штети од употреба на дроги“
Македонија е земја со најниска преваленца на ХИВ во регионот на Југоисточна Европа, истакна денеска извршниот директор на ХОПС, Христијан Јанкулоски, нагласувајќи дека во текот на изминатите 20 години се изградени сите капацитети кои можат да дадат одговор на ХИВ-епидемија, само е потребна нивна поддршка и во иднина.
На денешната конференција „Модели за финансирање на програмите за превенција на ХИВ и намалување на штети од употреба на дроги“, во организација на ХОПС – опции за здрав живот, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, изјави дека социјалното партнерство е единственото нешто преку кое државата може да создаде одржлив систем за која било програма за ранлива група граѓани.
„Државата е гломазен субјект, а граѓанскиот сектор кој е веќе подготвен треба само да биде ставен во соодветна функција. Треба да изградиме пристап што ќе значи утврдување на цена на чинење на секоја услуга поединечно која државата ја плаќа преку социјално партнерство. Можеме да финансираме и бизнис и граѓански сектор, но затоа се потребни регистар, стандарди, па потоа утврдување на цена на чинење“, изјави министерката Царовска во своето воведно обраќање на конференцијата.
Според неа, не може да стане збор за одржлив систем доколку системот на давање услуги зависи од политичка волја. Но, како што потенцираше Царовска, доколку се изнајде соодветен систем, истиот тој може да се реплицира и за други програми.
Презентирајќи ги податоците за состојбата со ХИВ во земјава, извршниот директор на ХОПС, Христијан Јанкулоски, рече дека Македонија е земја со најниска преваленца на ХИВ во регионот на Југоисточна Европа.
„Во текот на изминатите 20 години се изградени сите капацитети кои можат да дадат одговор на ХИВ-епидемија, само е потребна нивна поддршка и во иднина. На 5 септември 2017 година, Владата на Република Македонија усвои одлука со која од 2018 година се обезбедуваат 103 милиони денари од националниот Буџет за превенција и третман на ХИВ. Сè уште остануваат предизвиците. Мора да постои повеќегодишен план за имплементација со минимален едногодишен план за финансирање“, истакна Јанкулоски.
Тој појасни дека во Македонија овие сервиси ги имплементираат 15 здруженија во 15 градови, нагласувајќи дека 15 илјади лица добиваат услуги од нивна страна и тоа секојдневно или во нивните центри, или пак на терен.
А. Б.