МТСП работи на предлог-мерки за подобрување на системот за утврдување на бенефициран стаж
Предлог-мерките предвидуваат и дефинирање нов концепт на предвремено пензионирање за работници кои работат на работни места кои се опасни и штетни за здравјето, како и за специфичните професии со дефинирање на возраста за пензионирање комбинирано со утврдени години поминати на бенефицирани работни места.
Министерството за труд и социјална политика работи на предлог-мерки кои треба да го подобрат системот за утврдување и примена на категоријата бенефициран стаж. Правилникот со кој се регулира оваа област е донесен во 2011 година и оттогаш не е ревидиран, и покрај големиот број досега регистрирани слабости. Преку оваа програма се планира ревизија на досегашниот систем за утврдување на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење. Во таа насока, ќе биде потребно да се дефинираат критериумите кои се работите (функциите) што се опасни и штетни за здравјето на работникот, и покрај преземените заштитни мерки и кои се професиите што му оневозможуваат нормално и непречено вршење на таа професија. Ова практично значи дека е потребно преиспитување на работните места за кои досега бил пресметуван бенефициран стаж.
„Условите во меѓувреме се изменети на подобро“, велат во МТСП, „па така на пример, возачите на камиони сега имаат анатомско седиште, клима и греење поради кои условите за работа се многу подобрени“, велат во Министерството.
Од друга страна, отворени се нови работни места кои не се опфатени во законот, иако поради одредени услови (внатрешни или надворешни) се штетни за здравјето на работниците. Секако, некои работни места остануваат ризични, и покрај преземените заштитни мерки (рудари, возачи во јавниот градски превоз, работници во хемиски фабрики).
Според Законот за ПИО, во рамките на бенефицираниот работен стаж има и 3 групи работници за кои тој се применува.
Бенефицираниот работен стаж се применува кога работодавачот ги презел сите мерки за заштита на работникот, но и покрај тоа работата што ја врши предизвикува опасност за неговиот живот и здравје (рудари, работници во топилница и сл.).
Бенефициран работен стаж имаат и работници кај кои поради тежината и природата на работата, физиолошките функции на организмот опаѓаат во толкава мера што на работникот му оневозможуваат нормално и непречено вршење на таа професија (балетани, играчи, пилоти…).
Бенефициран стаж имаат и инвалидите осигуреници што се во работен однос, односно на работа врз основа на која биле задолжително осигурени поминале работејќи со полно работно време.
Покрај овие работни места, со посебен закон е утврден бенефицираниот работен стаж за полицајците, припадниците на АРМ, пожарникарите.
Предлог-мерките предвидуваат и дефинирање нов концепт на предвремено пензионирање за работници кои работат на работни места кои се опасни и штетни за здравјето, како и за специфичните професии со дефинирање на возраста за пензионирање комбинирано со утврдени години поминати на бенефицирани работни места. На овој начин, според Министерството ќе се надминат некои од најголемите слабости.
„Врз работниците со бенефициран стаж негативно се одрази укинувањето на пензискиот стаж како услов за пензионирање во 2007 година. Тогаш се укина условот од 40 години пензиски стаж за мажи и 35 години пензиски стаж за жени, како услов за пензионирање за работници кои работеа на бенефицирани работни места“, велат во Министерството.
Од 2007 година, овие работници се пензионираат со намалување на старосната граница, односно рудар наместо на 65 години се пензионира на 54 години возраст доколку 30 години непрекинато работи на работно место каде што 12 месеци се сметаат како 18 месеци. Од 2011 единствено е направена измена во Законот за ПИО, со кој се овозможува да се комбинира бенефициран стаж со различни степени на зголемување, за да се намали возраста за пензионирање само за рударите од јамски ископ.
Според Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), решавањето на овој горлив проблем ќе го реши статусот на голем број работници.
„Фактот дека законот за ПИО признава само заокружен број години за да му се намали возраста за пензионирање на работникот со бенефициран стаж е апсурден и пред сè, неправеден“, вели Маре Анчева, генерален секретар на СИЕР.
Како аргумент го посочува примерот дека доколку наместо предвидените 6 години, работникот помине на одредено работно место за кое е предвиден бенефициран стаж една година помалку, нема да му се признае ништо. Тоа може да се случи дури и кога тој е преместен на работно место кое е уште поштетно за неговото здравје. Така на пример, некој може цел живот да помине работејќи на места со бенефициран стаж и тој да биде целосно платен, а на крајот да не добие скусување на возраста за пензионирање бидејќи не ги исполнил целосно годините предвидени во законот за секое работно место поодделно (пр. 6 години за места каде што за 12 месеци се сметаат 14,5 години, за места каде што за 12 месеци се сметаат 15 месеци или 3 години за места каде што за 12 месеци се сметаат 18 месеци итн.).
СИЕР ќе ја поддржи и предлог-мерката за ревизија на досегашниот систем на утврдување работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење. Во моментов, начинот на утврдување на овие места е резултат на исклучително долг, сложен и скап процес. Го вршат специјализирани фирми кои преку проценки и снимања утврдуваат дали и како одредени услови влијаат врз здравјето на работникот и го загрозуваат.
„Дали ќе се направи ваква проценка, зависи од работодавачот, а многумина од сопствениците не се расположени да ги ангажираат специјализираните фирми, пред сè, поради надоместокот што треба да им го исплатат“, вели Анчева.
На тој начин, дел од работниците не добиваат бенефициран стаж, иако според описот на работното место тоа го заслужуваат.
Новиот пристап на кој работи Министерството е во согласност со концептот на предвремено пензионирање во европските држави. Во тек е реформа на бенефицираниот стаж во Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина кои го применуваат истиот концепт како и нашиот.
А. Б.