/ Прочитано:

1.730

Препораки за законски измени за донирање на вишокот храна

За да се надмине состојбата со фрлање храна, се прават законски измени кои предвидуваат, наместо храната да се фрла, да се донира во хуманитарни цели. На денешната прес-конференција што ја организираше Стопанската комора на Македонија насловена „Како храната да не завршува на депониите?“, беше нагласено дека измените во законската регулатива во однос на ова прашање би требало да бидат готови на почетокот од 2018 година.

Македонија ќе го регулира фрлањето на вишокот храна со измени во законската регулатива. За да се надмине состојбата со фрлање храна, се прават законски измени кои предвидуваат, наместо храната да се фрла, да се донира во хуманитарни цели. На денешната прес-конференција што ја организираше Стопанската комора на Македонија насловена „Како храната да не завршува на депониите?“, беше нагласено дека измените во законската регулатива во однос на ова прашање би требало да бидат готови на почетокот од 2018 година.

При презентирањето на препораките за законски измени за донирање на вишокот храна беше истакнато дека во текот на една година на депониите во Македонија завршуваат по околу 5.000 тони храна. Ова количество, како што беше нагласено, може да обезбеди по три оброка дневно за 13.000 луѓе.

Измените ќе се одвиваат во неколку фази, така што, пред сè, ќе бидат опфатени маркетите, добавувачите и производителите. Со втората и третата фаза ќе бидат опфатени рестораните, кетеринг-службите и домаќинствата.

Според податоците со кои располага Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, која всушност е и иницијатор на законските измени, Република Македонија е седма во светот по фрлање храна. Во оваа насока, претседателот на Асоцијацијата, Блаже Јосифовски, нагласи дека штетата што ја претрпува државата како резултат на фрлањето на вишокот храна изнесува околу 10 милиони евра. Најмногу храна, појасни Јосифовски, фрлаат домаќинствата, потоа рестораните, производителите и добавувачите.

„Бројките се многу сериозни и веројатно достигнуваат 10 илјади тони годишно, количество храна кое би можело и тоа како да помогне за социјално загрозените категории луѓе. Нашата иницијатива за измени во законската регулатива е поддржана од бизнис секторот, коморите и од страна на Владата и веќе е формирана работна група која работи на предлог-текстот“, потенцираше Јосифовски.

Тој нагласи дека со измените се предвидува бизнисите да бидат ослободени од данокот на додадена вредност за храната што ќе ја донираат, но и од кривична одговорност при евентуални незгоди или злоупотреби ако доследно ги почитуваат правилата за безбедна храна.

„Ќе треба да се обезбедат и едноставни, брзи административни процедури, за компаниите да не бидат оптоварени и да не се откажат од определбата да донираат храна“, истакна Јосифовски и посочи дека засега во земјава 445.000 граѓани имаат по само еден оброк дневно.

На прес-конференцијата беа изнесени и податоци за состојбата со вишокот храна во Европа, па во оваа насока Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија нагласи дека Франција е првата земја во светот каде што овој проблем е законски регулиран.

„Примерот на Франција веќе го следи Велика Британија, каде што годишно се фрлаат по 15 милиони тони. Во Европската Унија, количеството отпад од храна достигнува 90 до 100 милиони тони годишно, штета што достигнува сума од неколку милијарди евра. Во оваа насока, а во согласност со Програмата ‘Хоризонт 2020’, Унијата планира да го намали отпадот на храна до 2025 година за 30 отсто. Од регионот, властите во Хрватска, каде што на годишно ниво се фрла по околу 400.000 тони храна, пред извесно време донесоа Правилник за донирање на вишокот храна од маркетите“, потенцираше Ристовски.

А. Б.