/ Прочитано:

878

МТСП: Тече пријавувањето за новата поддршка за раст на платите во повисок износ од минималната плата

Министерството за труд и социјална политика ги известува работодавачите од трудоинтензивните дејности дека е во тек пријавувањето за новата поддршка за раст на платите.

Фирмите кои сакаат да ја искористат финансиската поддршка за раст на платите ги информираме дека може да аплицираат во Управата за јавни приходи преку системот за Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН). Поддршката позитивно ќе влијае на растот на животниот стандард на работниците и на продуктивноста на компаниите.

Обезбедувањето на повисоки плати за работниците е овозможено со последните измени и дополнувања на Законот за минимална плата (објавени во „Сл. весник на РМ” бр. 140/18),  каде што се утврдени и условите кои треба да ги исполни работодавачот за да ја добие финансиската поддршка. Поддршката изнесува 30% од разликата помеѓу бруто-платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто-плата на работникот исплатена во последните три месеци лани,  а најмногу до 1.200 денари по работник месечно.

Еден од предвидените услови е фирмата која аплицира за поддршката претходната година да имала трошоци за работење (плати, надоместоци, даноци за плата и надоместоците и придонеси од задолжително социјално осигурување), во износ повисок од 50% од вкупните расходи, а бруто исплатената плата  на работникот во месеците октомври, ноември и декември 2017 година да изнесува до 26.250 денари.

Проверката на исполнетоста на условите за добивање на финансиска поддршка ја прави Управата за јавни приходи, а исплатата на средствата Министерството за труд и социјална политика.

УЈП ДО РАБОТОДАВАЧИТЕ: Финансиска поддршка за раст на платите во повисок износ од минималната плата

М.В