/ Прочитано:

1.498

Закон за изменување и дополнување на Законот за политичките партии

Намалување на бирократијата и зголемување на демократичноста при основањето политичка партија

Целта на Предлог на законот е враќање на нарушеното уставно начело на слободно политичко здружување и дејствување и гарантирање на правната сигурност на граѓаните, својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, како и почитување на концептот на плурализам на јавната политичка сцена во Република Македонија.

sobranie akademik.mk

Поголема демократизација и правна операционализација на уставното начело за „слободно политичко здружување“, ослободено од непотребните бирократски стеги и обременувања кои го отежнуваат процесот на основање партии, е причината поради која Лилјана Поповска, претседателката на ДОМ, предлага Закон за изменување и дополнување на Законот за политичките партии.

Според образложението на предлог-измените, со Законот ќе се намали преголемата бирократизација и недоволната демократичност која е присутна во процесот на основање политички партии во Република Македонија, а која директно ја гуши слободата на политичко здружување и дејствување, гарантирана со членот 20 од Уставот на Република Македонија.

„Имено, со Предлог-законот ќе се овозможи поголема демократичност при основање на политичка партија при што во одлуката за избор на органи на политичката партија, која се поднесува кон барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар, покрај личното име на претседателот на политичката партија, се додава и личното име на претседателот и копретседателот на политичката партија, во случај на копретседавање, односно на лицето кое ќе ја застапува и ќе ја претставува политичката партија, односно претседателот и копретседателот во случај на копретседавање и личното име на лицето, односно лицата одговорни за материјално-финансиското работење“, се наведува во образложението.

Покрај тоа, Поповска предлага и укинување на барањето за доставување на државјанствата на основачите на партијата кои мора да бидат заверени на нотар, што дополнително го бирократизира процесот бидејќи смета дека претставува доказ дека некое лице е државјанин на Република Македонија и поседувањето на валидна биометриска патна исправа, која се приложува на увид при давање изјави пред нотар.

„Со наложувањето, покрај изјави на нотар, да се доставуваат и уверенија за државјанство на основачите на партијата се создава непотребна дополнителна финансиска бариера за граѓаните – која, во ситуација на раширен пад на животниот стандард во Македонија и на финансиски трошок за изјавата на нотар, може да ги одврати од намерата да го остварат своето уставно гарантирано право да се потпишат како основачи и/или членови на една партија“, се наведува во предлог-измените.

Целта на Предлог на законот е враќање на нарушеното уставно начело на слободно политичко здружување и дејствување и гарантирање на правната сигурност на граѓаните, својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, како и почитување на концептот на плурализам на јавната политичка сцена во Република Македонија.