/ Прочитано:

1.584

Нови 12 кривични пријави за Специјалното јавно обвинителство

Со тоа, вкупниот број на кривични пријави изнесува 19. Минатата недела со претставка за работата на Специјалното јавно обвинителство реагираше и судија на Управниот суд кој, како што беше наведено, во кафеана бил распрашуван за предмет кој го водел.

Основното јавно обвинителство Скопје викендов примило уште 12 кривични пријави кои се однесуваат на Специјалното јавно обвинителство.

Како што потврдуваат, кривичните пријави се поднесени од различни физички лица против непознати лица во Специјалното јавно обвинителство. Кривичните пријави се однесуваат за сторено дело „Малтрерирање во вршење на службата“.

Со тоа, вкупниот број на кривични пријави изнесува деветнаесет. Минатата недела со претставка за работата на Специјалното јавно обвинителство реагираше и судија на Управниот суд кој, како што беше наведено, во кафеана бил распрашуван за предмет кој го водел.

Минатата недела шест кривични пријави беа поднесени до Основното јавно обвинителство Скопје кои што се однесуваат на Специјалното јавно обвинителство, тимот и нивната работа.

Како што информираа од Обвинителството, сите кривични пријави се поднесени од различни физички лица, а се однесуваат за кривично дело „Малтретирање во вршење на службата“ од член 143 од Кривичниот законик.

„Една од кривичните пријави е против три познати лица – обвинители и неколку непознати лица. Три од кривичните пријави се против неколку непознати лица. Две од кривичните пријави се против двајца обвинители и неколку непознати лица“, се наведува во одговорот од Обвинителството.

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пак, е поднесена една кривична пријава против едно лице, вработено во МВР, за строено кривично дело „Незаконито влијание врз сведоци“ од член 368а од Кривичниот законик.

За вработениот во МВР во петокот беше поднесено и обвинение.

„По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице вработено во МВР Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презеде сите потребни дејствија за утврдување на фактите во предметот. Притоа е утврдено дека постои основано сомнение дека осомничениот го сторил кривичното дело што му се става на товар, односно дека со нудење поткуп влијаел на едно лице, а со цел лицето да се појави како сведок во постапка пред суд и да даде исказ во определена насока“, стоеше во соопштението на Обвинителството.