/ Прочитано:

1.456

Нови законски измени за издавање на обврзници за денационализација

Пред пратениците се наоѓаат нови законски измени на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација. Измените се предложени од Владата. Донесувањето на Законот за изменување на Законот за издавање на обврзници за денационализација е со цел зголемување на бројот на емисии на обврзници за денационализација од осумнаесет на дваесет за да може да се опфатат барањата за денационализација по кои се одлучува во повторна постапка, а за кои е потребно дополнително издавање на обврзници.

Со Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација сe уредени начинот и постапката на издавање на обврзниците за денационализација, кои се даваат како надомест за имотот одземен во корист на државата врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста, врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општокорисни цели, односно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и одземање без правна основа.

Во Законот се предвидени 18 емисии на обврзници за денационализација, а Владата на Република Македонија со одлука годишно го утврдува износот на обврзниците што ќе се издаваат. Годишниот износ се утврдува врз основа на надоместокот даден во обврзници со решенијата кои станале правосилни во тековната година.

„Започнувајќи од 2002 година до сега Република Северна Македонија изврши осумнаесет емисии на обврзници за денационализација во вкупен износ од 366,5 милиони евра. Состојбата на долгот по основ на издадените обврзници за денационализација заклучно со 31.06.2019 година изнесува 37,2 милиони евра.

Процесот на денационализација заврши во првостепена постапка, но дел од решенијата не се конечни, односно по истите сѐ уште се водат управни спорови или се вратени од судовите на повторно постапување. За да се овозможи исплата по овие предмети по нивната правосилност, има потреба од зголемување на бројот на емисиите на обврзници за денационализација.

Со Предлог-законот се предлага  дополнително издавање на уште две емисии на обврзници за денационализација со цел исплата на обврзниците кои ќе бидат утврдени со решенијата кои ќе станат конечни во претстојниот период“, се вели во законското образложение.

М.В