Новите адвокати дадоа свечена заклетва
Четириесет и двајца адвокати се здобија со лиценци за вршење на адвокатската дејност во декемвриската сесија 2019 година.
Адвокатите дадоа свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придржуваат до Уставот, законодавството, меѓународните договори и актите на Адвокатската комора.
„Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба”, гласи свечената адвокатска заклетва.
Претседателот на Адвокатската комора на РСМ, Љубомир Михајловски, на новите адвокати им упати порака да ја штитат адвокатурата и нејзината независност, да бидат чесни, лојални на правдата и на Комората, како и да го сочуваат својот личен интегритет во борбата за успех.
„Во адвокатската фела ќе сретнете разни колеги, за жал, во текот на работењето има колеги кои ги забораваат овие работи, но моите зборови сфатете ги како совети и желби за успех, ваш и на Комората во целост. Почитувајте се и помагајте си еден на друг. Адвокатурата е борба во која еден губи сигурно. Во судница сте противници, но надвор сме колеги и пријатели. Бидете гордост на македонската адвокатура, како млади луѓе внесете нови погледи и напредок на адвокатурата“, порача тој.
Претседателот Михајловски изрази надеж дека новите генерации адвокати ќе внесат нови погледи и напредок на адвокатурата.
„Ќе има денови на среќа и успех, радувајте се на нив, делете ја среќата со вашите најблиски кои денес се со вас“, истакна тој и им посака успех во работата.
М.В