/ Прочитано:

936

Објавена публикација од Пописот 2021

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија се спроведе во периодот од 5 до 30 септември 2021 година. После голем број одложувања и по речиси 20 години од последниот Попис во државата, успешно беше спроведена оваа најголема статистичка операција која има извонредно значење за развојот на државата и за креирање на иднината на нашата, но и на идните генерации.

Пописот беше спроведен според сите меѓународни препораки со исклучиво почитување на Препораките за спроведување на пописите на населението и домувањето околу 2020 година, подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат.

Во согласност со донесената Методологија за спроведување на Пописот 2021, за првпат во државата се спроведе попишување со комбиниран метод – користење на податоци од Претпописната база на податоци креирана за оваа цел и директно внесување на податоците во лаптопи. Овој метод овозможи скратување на времето потребно за попишување , но потоа и побрза обработка на податоците и нивно објавување.

Резултатите од Пописот 2021 беа објавени на 30 март 2022 година, 6 месеци по завршувањето на теренските активности и според предвидената динамика во Методологијата на Пописот.

Сите обработени податоци од Пописот се објавени во Макстат базата на податоци на Државниот завод за статистика и ќе се објавуваат сукцесивно до крајот на 2022 година.

Сметавме дека е потребно дел од податоците да ги претставиме и во печатена публикација која на некој начин претставува континуитет на печатените публикации од претходните пописи на населението спроведени на територијата на Република Северна Македонија.

Во ова издание, преку 22 табели се презентирани основните податоци за населението и неговите демографски, образовни и економски карактеристики, а презентирани се и основните податоци за домаќинствата и становите во Република Северна Македонија.

Се надеваме дека оваа репрезентативна публикација ќе биде добро и корисно четиво за сите наши корисници кои на едно место ќе можат да се запознаат со резултатите од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.

Секако, сите детални податоци од Пописот 2021 се достапни во Макстат базата на податоци на Државниот завод за статистика.

Линк до публикацијата.