/Прочитано:

1.685

(ОБНОВЕНО) Уставниот суд ја прифати иницијативата за оцена на уставноста на распуштањето на Собранието и издаде привремена мерка

Како што појаснуваат од Судот, ова значи дека актите и дејствијата што произлегуваат од овие одлуки треба да се запрат.

Уставен суд

Уставните судии едногласно донесоа одлука Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија од 18 јануари 2016 година и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година.

Покрај тоа, Судот изрече привремена мерка, односно донесе Решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката за распуштање на Собранието.

Како што појаснуваат од Судот, ова значи дека актите и дејствијата што произлегуваат од овие одлуки треба да се запрат.

Решението уште денеска ќе му биде доставено на Собранието, а конечната одлука за оцена на уставноста на одлуките за распуштање на Собранието ќе биде донесена најверојатно идната недела.

Исмаил Дарлишта: Одлуките на Собранието се недопуштени

Судијата известител, Исмаил Дарлишта, при презентирањето на иницијативата поднесена од пратеникот на ДУИ Талат Џафери, истакна дека Судот веќе еднаш ја разгледувал една од одлуките кои се оспоруваат во иницијативата, но потенцираше дека ново во иницијативата е тоа дека се менува датумот на Одлуката за распуштање на Собранието која ја носи Собранието кое веќе било распуштено со претходната одлука. Судот не побарал одговор од Собранието бидејќи тоа веќе било распуштено.

„При разгледувањето на одлуките се јавуваат како спорни повеќе дилеми: дали повторно може да се состане Собранието кое е распуштено со негова одлука за да ја менува одлуката, што, според мене лично, е недопуштено бидејќи орган кој е распуштен не може да носи повторно одлуки; потоа, дали може да продолжи мандатот на пратениците и по распуштањето на Собранието; дали оспорената одлука е подобна за уставносудска оцена, за што мислам дека ние, како Уставен суд, и тогаш реков дека сме надлежни затоа што последиците од Одлуката се однесуваат на сите граѓани на Република Македонија; дали Уставот на РМ го предвидува прашањето за одложено важење за распуштањето на Собранието и последното спорно прашање е дали Собранието може да ја проширува својата надлежност и да одлучува на поинаков начин надвор од тоа што е регулирано во Уставот, што, според мене, таков услов нема ниту еден орган во РМ, па ни Собранието“, рече Дарлишта.

Ако дадеме одговор на сите овие спорни прашања, во согласност со одредбите на Уставот на РМ, ние можеме да дојдеме до праведната одлука која целата јавност ја очекува од нас. Сметам дека оспорената одлука е противуставна бидејќи со неа се доведуваат во прашање владеењето на правото и правната сигурност и предлагам Уставниот суд да поведе постапка, заврши Дарлишта.

Гошева: Ќе направам преседан и ќе го поддржам предлогот во рефератот

Уставен суд

Прва за дискусија се јави претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, која повтори дека кога првпат ја разгледувал иницијативата за распуштање на Собранието со одложено дејство, Судот ја отфрлил иницијативата и се прогласил за ненадлежен, но од секоја судска пракса, како што рече, постојат отстапки.

„Враќајќи се наназад низ судската пракса на Судот најдов една многу карактеристична одлука од 2001 година кога Судот направил преседан во своето постапување и се впуштил и мериторно одлучувал, го укинал Законот за ратификација на билатерален договор помеѓу Македонија и Грција за изградба и управување со нафтовод. Судот тогаш не бил надлежен да одлучува за ваквиот закон и го ставил надвор од правниот промет. Оттогаш во Уставниот суд биле разгледувани голем број иницијативи за закони за ратификации, но Судот веќе никогаш не се впуштил во мериторно одлучување да разгледува вакви одредби“, појасни Гошева.

Имајќи го предвид ваквиот исклучок и состојбата во која се наоѓа државата, која е доста специфична и во која органите се наоѓаат во функционална блокада, и подолг период нема разрешница на настанатата состојба, сметам дека Судот треба да направи отстапка, да расправа и да одлучи по оспорените одлуки, рече Гошева.

„Јас како претседател на судот и како судија сега, но не и во иднина, ќе направам преседан, ќе го поддржам предлогот на рефератот и ќе гласам за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одлуки“, истакна Гошева.

Покрај Гошева, за иницијативата расправаше и судијата Сали Мурати кој ги повтори спорните прашања што ги наведе и судијата известител Дарлишта во поглед на тоа дали Собранието можело да излезе од своите надлежности и да донесе вакви одлуки.

„Дали ги има истите надлежности Собранието од денот на донесување на првата одлука за одложено дејство за негово распуштање и до неговото конечно распуштање како и пред да биде распуштено. На овие спорни прашања и тогаш и сега размислувам исто, а тоа е дека Уставот на РМ не познава одложено дејствие на распуштање на Собранието. Факт е дека Собранието не се распушти на 23 февруари и продолжи противуставно да работи со полн капацитет до 7 април и во согласност со Уставот тоа немало исти права“, рече Мурати.

Чинот на распуштање на Собранието на Република Македонија, како што е определено во нашиот Устав, се разликува од меѓународната пракса, па во иднина може да се размислува за уставна измена да се разгледа можноста дали Собранието треба да се распушта или само да донесува одлука за распишување избори, а тоа да продолжи да работи до изборите, како што е во повеќе држави.

Марија Севриева

Уставниот суд ја отфрли Иницијативата и се прогласи за ненадлежен за одложеното распуштање на Собранието