/ Прочитано:

1.364

Обвинителството ја продолжува истрагата за екстрадираниот осомничен во предметот „Дива Населба“

„Лицето ќе биде изнесено пред судија на претходна постапка заради издавање на ново решение за изречена мерка притвор, а потоа ќе биде повикано да даде исказ пред надлежен јавен обвинител. Во согласност со законот, по комплетирањето на овие постапки, ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука“, велат од Обвинителството.

Прво рочиште за Дива населба, надвор

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе ја продолжи истрагата за Сулејман Османи, осомничен во предметот „Дива Населба“, кој од Косово беше екстрадиран во земјава минатата недела.

Како што велат од Обвинителството, истрагата за Османи била привремено запрена поради неговата недостапност.

„Лицето ќе биде изнесено пред судија на претходна постапка заради издавање на ново решение за изречена мерка притвор, а потоа ќе биде повикано да даде исказ пред надлежен јавен обвинител. Во согласност со законот, по комплетирањето на овие постапки, ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука“, велат од Обвинителството.

По завршување на истрагата за него, Обвинителството треба да донесе одлука дали ќе биде споен предметот за Османи со процесот кој се води против 37 лица.

Денеска во Кривичниот суд продолжи главната расправа на која се сослушуваат заштитени сведоци. Како што е познато, рочиштата на кои се сослушуваат заштитените сведоци, полициски службеници кои учествувале во вооружената пресметка со таканаречената „кумановска група“ се затворени за јавноста. Од Судот наведуваат дека има закажано три термини за рочишта и за месец јули и дека, по завршувањето на сослушувањето на заштитените сведоци, јавноста ќе биде информирана кога рочиштата повторно ќе бидат отворени.

Претходно во Судот беа читани исказите на сведоците кои веќе беа дадени на главната расправа за предметот „Дива Населба“, пред да биде споен со предметот „Молња“ за обвинетите за логистичка поддршка на кумановската група.

Судот на почетокот на мај го спои предметот „Дива Населба“ со предметот „Молња“. По спојувањето на двата предмети, Кривичниот суд не можеше да најде соодветна просторија каде што ќе бидат исполнети сите услови за одржување на судењето. Преку барање упатено до Министерството за правда, а со одлука на Владата беше одредено судењето да се одвива во големата сала на Врховниот суд.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

Во предметот „Молња“, пак, обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.

М. С.

„Дива Населба“