/ Прочитано:

1.770

Од март до октомври над две илјади текстилни работнички и работници пријавиле повреда на своите права во Хелсиншкиот комитет

Хелсиншкиот комитет за човековите права на Република Македонија со поддршка на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ го спроведуваат проектот „Правно зајакнување на текстилните работнички за самозастапување“.

Една од активностите во рамките на овој проект е издавање инфографици кои имаат за цел да ја информираат јавноста за состојбата со работничките права во текстилната индустрија, пријавени случаи на прекршувања, поведени постапки пред надлежните органи и утврдени прекршувања. Четвртиот инфографик е за периодот  март – октомври 2017 година.Инфографикот можете да го преземете на следниов линк.

Според податоците на Хелсиншкиот комитет, текстилните работнички се соочуваат со голем број прекршувања на своите работнички права. Неисплатени плати и додатоци на плата, регрес за годишен одмор, исплата на плата на рака, нерегулиран работен однос, прекувремена работа, мобинг, работа на државен празник, се само дел од нарушените работнички права на текстилните работнички.

Во периодот март – октомври дури 2262 текстилни работнички и работници пријавиле повреда на своите права во Хелсиншкиот комитет. Предничат пријавите за неисплатен додаток на плата за поминати работни часови на ден на неделен одмор и додаток на плата за поминати работни часови во денови на празници и неработни денови.

За пријавените случаи, Хелсиншкиот комитет опфатил 56 конфекции за бесплатна правна помош, иницирајќи соодветни управни и судски постапки. Штип, Крива Паланка, Виница, Пробиштип, Чешиново, Македонска Каменица, Кавадарци, Кочани, Делчево, Куманово се градовите каде што на текстилните работнички им била дадена бесплатна правна помош и каде што биле утврдени прекршувања на работничките права.

Овој месец, Хелсиншкиот комитет оствари средба со Државниот инспекторат за труд на која беше дискутирано за најгорливите прекршувања на работничките права на текстилните и кожарските работнички и работници кои се документирани од страна на Хелсиншкиот комитет.

На оваа средба како најгорливи прекршувања на работничките права на текстилните работнички беа акцентирани: неисплаќањето плата, придонеси на плата и додатоци на плата од страна на работодавачите, исплата на плата на рака, незаконско прекинување на работниот однос, нерегулиран работен однос, прекувремена работа над законски дозволениот максимум, мобинг од страна на работодавачите, работа во несоодветни здравствени и санитарни услови, необезбедени соодветни мерки за безбедност и здравје при работа, повреди на работното место, повреда на правото на користење годишен одмор, работа на државни празници.

На средбата беа предложени решенија за надминување на ваквите состојби, а претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд изразија подготвеност и желба за идна соработка со Хелсиншкиот комитет, во стремежот за подобрување на состојбата со работничките права на текстилните и кожарските работници.

М.В