/ Прочитано:

1.521

ОДБРАНАТА НА ЛЕВИЦА: Народната канцеларија на Претседателот на РМ не е во сопственост на државата. Обвинителството незаконски прибавило вештачење

Судијката го укина притворот за Савески и Куновски и определи мерки за претпазливост, односно привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, и обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган.

Здравко Савески пред Кривичен суд

Судијката Весна Петровска – Тагасовска го прифати барањето на одбраната и го укина куќниот притвор за членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски кои се обвинети за учество во толпа што стори кривично дело.

„Не гледам причина обвинетите да останат во притвор. Тие редовно се јавуваат во судот, примерно се однесуваат во постапката и условот дека може да го повторат делото, одржувањето на протестите, повеќе не постои бидејќи протестите повеќе не се одржуваат во тој обем како кога е сторено кривичното дело, поради што барам судот да определи превентивни мерки за обвинетите“, рече адвокатот Сашо Дуковски.

И обвинителката Снежана Бундалевска истакна дека и според неа мерката притвор веќе е беспредметна, но побара на обвинетите да им биде ограничено движењето бидејќи сепак сè уште има активности поврзани со протестите.

Судијката го укина притворот и определи мерки за претпазливост, односно привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, и обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган.

Претходно, конечно, започна главната расправа по предметот за двајцата членови на Левица. Во својот воведен збор обвинителката Бундалевска истакна дека обвинетите Савески и Куновски критичниот ден на 13 април учествувале во поголема толпа која пред Народната канцеларија на Претседателот на РМ дејствувала заеднички и со фрлање камења и предмети предизвикала кршење на прозорските стакла, а потоа упаднала во канцеларијата и  уништила, запалила и одзела дел од инвентарот.

Според процената на штетата извршена од страната на Бирото за судски вештачења, а по нарачка на Државното правобранителство на РМ кое ги застапува побарувањата на  Претседателот на РМ, било утврдено дека со ваквите дејствија била причинета штета во висна од 522 илјади денари.

На обвинението приговараше одбраната која истакна дека не постојат елементи за кривичното дело кое им се става на товар,  односно не постои предизвикана значителна материјална штета.

Судење Здравко Савески и Владимир Куновски

„Битен елемент за постоењето на ова кривично дело е висината на штетата. Но приложеното вештачење не може да се прифати како доказ бидејќи е прибавено на незаконит начин. Сосема е легитимно државното правобранителство активно да учествува и да пријави штета, но во овој случај Обвинителството има направено процесна повреда, односно нема издадено наредба за вршење на вештачење. Според член 236 од Законот за кривична постапка, наредба за вештачење може да издаде само јавното обвинителство“, истакна Дуковски.

Тој, дополнително како доказ, приложи имотен лист според кој Народната канцеларија на Претседателот на РМ не е имот на државата поради што не е можно државното правобранителство да се произнесува за штета на имот кој не е во сопственост на државата.

Дуковски побара судот да го исклучи вештачењето од листата на докази.

По полчасовна пауза судијката го задолжи обвинителството да прибави доказ од договорот за закуп на простор  во кој се наоѓаше народната канцеларија за следното рочиште кое е закажано за 5 јули.

Во изјава по завршување на рочиштето, Куновски во лично име и во име на Левица му се заблагодари на обвинителството кое, според него, дало школски пример за тоа што се тоа двојни стандарди и ги урнало митовите, односно понудило докази во кои се гледа напад на служебните лица, поточно на старешини на Единицата за брзо распоредување, но нема покренатао ниту една кривична постапка за напад на службено лице.

Според  Куновски, да, во Македонија има безбедносна криза, но поради тоа што полициските сили наместо во одбрана на државата се користат за лични интереси.

„Како илустрација, при нашето приведување беа искористени 12 припадници на алфите, а во првите денови по нашето приведување во мојот дом изброив до 17 различни униформирани полициски службеници“, рече Куновски.

М. С.