/ Прочитано:

1.427

Повторно одложено судењето за членовите на Левица за учество во протестите

Следното рочиште беше закажано за 10 јуни. Дотогаш обвинетите Савески и Куновски остануваат во куќен притвор, кој им беше продолжен за нови 30 дена. Нивните соборци од Левица побараа од Судот да им биде укината мерката притвор.

Владимир Куновски Левица пред Кривичен суд

Судењето за Здравко Савески и Владимир Куновски од Левица, кои се обвинети за учество во толпа што ќе стори кривично дело, повторно беше одложено. Адвокатот Сашо Дуковски побара од Судот да биде одложено рочиштето бидејќи одбраната сè уште го нема добиено вештачењето за штетата причинета од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, кое Државното правобранителство не им го доставило. Вештачењето вчера доцна попладне го добиле само обвинетите.

Сашо Станчевски, претставникот на Државното правобранителство, пак, истакна дека уште на 23 мај до судијката што го води процесот биле доставени пет примерока од вештачењето, но судијката Весна Петровска-Тагасовска рече дека не ги информирала странките за тоа бидејќи била на годишен одмор.

Обвинителката во процесот, Снежана Бундалевска, побара од Судот да ја задолжи одбраната да му достави листа на докази на Обвинителството бидејќи не му биле доставени повеќе од еден месец откако е поднесен обвинителниот предлог.

„Дали недоставувањето претставува тактизација на одбраната за одложување на постапката, со што ќе стане беспредметна мерката притвор?“, праша Бундалевска во судницата.

Адвокатот Дуковски одговарајќи ѝ на обвинителката истакна дека листата на докази од одбраната ќе ѝ биде доставена откако ќе биде разгледано вештачењето и откако ќе ја подготват одбраната.

Следното рочиште беше закажано за 10 јуни. Дотогаш обвинетите Савески и Куновски остануваат во куќен притвор, кој им беше продолжен за нови 30 дена. Нивните соборци од Левица побараа од Судот да им биде укината мерката притвор.

Кривичниот суд на студентот Борјан Ефтимов, кој ја призна вината, му изрече условна казна во траење од три месеци доколку во рок од една година не стори кривично дело. Никола Аризанов и Филип Наковски исто така ја признаа вината која им се става на товар – учество во толпа што ќе стори кривично дело, за протестите од 13 април пред Народната канцеларија на Претседателот на РМ.

Како што информираше застапникот на Државното правобранителство за демолирање на Народната канцеларија, вкупното отштетно побарување изнесува 522 илјади денари или 8 500 евра, од кои:

  • износот од 232 илјади денари се однесува на причинетата штета на вкупната вредност на предметите според нивната вредност во моментот кога е направена штетата и која е потребна за Канцеларијата да се доведе во првобитната состојба и
  • износ од 289 илјади денари проценета штета на вкупната вредност на оштетените и исчезнати предмети.

Оваа штета обвинетите демонстранти од сите предмети солидарно ќе треба да ја надоместат.

М. С.