/ Прочитано:

1.555

СУДЕЊЕ НА ЧЛЕНОВИТЕ ОД ЛЕВИЦА: Обвинителството достави доказ дека Народната канцеларија на Претседателот на РМ е државен имот

„Има повеќе правни субјекти кои се лоцирани на локацијата на ул. „Вељко Влаховиќ“ бр. 7, односно според катастарот има повеќе објекти. Ние ги извадивме сите имотни листови и, по наше мислење, сметаме дека тој објект, за кој денеска ни беше дадена одлука на Владата, не е односниот објект, но ќе ни треба време да го проучиме, и можеби ќе ангажираме и вешто лице кое ќе ги спореди и нашите имотни листови и ќе изврши идентификација за кој објект станува збор“, рече адвокатот Сашо Дуковски.

Судење Здравко Савески и Владимир Куновски

На денешното рочиште за членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, кои се обвинети за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, Обвинителството до судот и до одбраната достави докази – имотен лист и одлука на Владата на Република Македонија, со кои докажува дека просторот во кој се наоѓаше Народната канцеларија на Претседателот на РМ е државен имот кој бил отстапен на користење за потребите на Претседателот на РМ.

Одлуката е од декември 2011 година, наведе обвинителката Снежана Бундалевска.

Одбраната на Савески и Куновски побара од судот дополнително време за разгледување на доказите, особено поради фактот што на претходното рочиште достави доказ дека Народната канцеларија не е имот на РМ и поради тоа државата не може да биде оштетена страна во постапката.

„Има повеќе правни субјекти кои се лоцирани на локацијата на ул. „Вељко Влаховиќ“ бр. 7, односно според катастарот има повеќе објекти. Ние ги извадивме сите имотни листови и, по наше мислење, сметаме дека тој објект, за кој денеска ни беше дадена одлука на Владата, не е односниот објект, но ќе ни треба време да го проучиме, и можеби ќе ангажираме и вешто лице кое ќе ги спореди и нашите имотни листови и ќе изврши идентификација за кој објект станува збор“, рече адвокатот Сашо Дуковски.

Застапникот на Државното правобранителство пак, кое пријави штета од 522 илјади денари поради демолирањето на Народната канцеларија, вели дека со доказот приложен од Обвинителството се докажува дека имотот во кој била сместена Канцеларијата е во сопственост на државата.

„Со ова одлука се покажува дека тој имот со одлука на Владата е даден на користење за Народната канцеларија и тука не гледам ништо спорно. Одбраната ги доби доказите и има увид во нив. Имотот е на Република Македонија, а даден е на користење на Претседателот на РМ“, рече државниот правобранител Сашо Станчевски.

Покрај дополнително време за разгледување на доказите, одбраната на Савески и Куновски побара од судот да им бидат укинати превентивните мерки на обвинетите, односно забраната за напуштање на живеалиштето и престојувалиштето и да им бидат вратени патните исправи бидејќи се годишни одмори, обвинетите имаат семејство и академски обврски, како семинари и други патувања. Тие уверија дека обвинетите ќе го почитуваат судот и ќе се јавуваат на сите рочишта.

Судијката Весна Петровска-Тагасовска го прифати барањето на одбраната и ги укина превентивните мерки. За обвинетите само останува обврската редовно да се јавуваат во судот или пред надлежен орган. Доколку не ја почитуваат оваа обврска, како што истакна судијката, ќе бидат употребени построги мерки за обезбедување на присуство.

Судењето е презакажано за 13 септември.

Инаку, Савески и Куновски се обвинети дека на 13 април како дел од толпа учествувале во демолирањето на Народната канцеларија, кое се случи по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување од кривично гонење на 56 лица.

М. С.

ОДБРАНАТА НА ЛЕВИЦА: Народната канцеларија на Претседателот на РМ не е во сопственост на државата. Обвинителството незаконски прибавило вештачење