/ Прочитано:

1.768

Се одложи судењето на Савески и Куновски. Одбраната бара увид во снимките од демолирањето

Одбраната досега ги нема погледнато доказите кои се предложени од страна на Обвинителството бидејќи при притворањето Савески и Куновски биле сослушани пред судија на претходна постапка кој се произнел само за притворот.

Судење Здравко Савески и Владимир Куновски

Судијката Весна Петровска-Тагасовска, кај која е распределен уште еден предмет во кој обвинети се демонстранти што учествуваа на протестите на 13 април, кога беше демолирана Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, не го започна ниту овој процес. Во предметот обвинети се членовите на Левица Здравко Савески и Владимир Куновски, кои одговараат за учество во толпа која ќе стори кривично дело, за кои Основното јавно обвинителство Скопје, исто како и за првите двајца демонстранти, наведува дека сториле штета од 880 илјади денари.

Судијката повторно го одби барањето за спојување на постапките против демонстрантите и го презакажа судењето за 19 мај, кога очекува да биде изготвен вештиот наод и мислење што го побарало Државното правобранителство како законски застапник на Кабинетот на Претседателот на РМ.

Штетата утврдена и пријавена од страна на Основното јавно обвинителство Скопје треба да биде потврдена и од вешт наод и мислење кое денеска сè уште не е изготвено, истакна и адвокатот на Савески, Сашо Дуковски.

„Кога ќе се изработи вештиот наод и мислење, бидејќи се водат повеќе предмети, ќе се создадат услови за водење на постапката. Судијата донесе процесно решение да не се спојуваат постапките, односно да се водат одделно исклучиво поради процесна економија и еднаквост на странките во постапката“, рече адвокатот Дуковски.

Адвокат Сашо Дуковски

Според него, нејасно е како во повеќе предмети кои се водат за истото дело, а во кои штетата е елемент на стореното кривично дело, таа е проценета на 880 илјади денари.

„Замислете во 10 предмети со различни рокови на правосилност и извршност, кои не се споени, да биде досудено врз основа на една иста штета која се пријавува повеќе пати“, додава Дуковски.

Одбраната досега ги нема погледнато доказите кои се предложени од страна на Обвинителството бидејќи при притворањето Савески и Куновски биле сослушани пред судија на претходна постапка кој се произнел само за притворот.

„Ние видовме некои сегменти, фотографии, но сакаме да видиме и снимки, дали е извршено делото кое им се става на товар. Фотографиите што ги видовме ние, колку што мене ми е познато, се симнати од некој портал“, рече Дуковски.

Судијката им дозволи на адвокатите да извршат увид во снимките од двете ДВД кои како доказ ги имаа понудено Обвинителството. Како што истакна обвинителката Снежана Бундалевска-Георгиевска, доказниот материјал бил предаден во Обвинителството од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Според полицискиот извештај и поднесената кривична пријава, било утврдено дека Савески го извршил кривичното дело на тој начин што влегол во демолираната канцеларија заедно со дел од толпата, запалил фотографија од претседателот Ѓорге Иванов и фрлил предмет кон Народната канцеларија, додека Куновски го извршил кривичното дело на тој начин што, додека се наоѓал во внатрешниот дел од Народната канцеларија на Претседателот на РМ, преку искршениот прозорец исфрлил неколку канцелариски столчиња на тротоарот.

Марија Севриева

МВР: Кривични пријави за учество во толпа против Савески и уште едно лице