/ Прочитано:

2.424

Орден „Витез на Националниот ред за заслуги“ за Анета Арнаудовска

Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Tимоние, во името на претседателот на Република Франција, денеска ќе ја одликува директорката на македонската Академија за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска со орден „Витез на Националниот ред за заслуги“.

„Како директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Арнаудовска постојано се залагаше во последните десет години за развој на соработката помеѓу Франција и Македонија во областа на обуката на судиите и јавните обвинители, како клучна за зајакнување на владеењето на правото преку примена на европски стандарди од доменот на кривичното и граѓанското право, како и на индивидуалните слободи. Со својата компетентност и непристрасност, Арнаудовска, поддржувајќи ја обуката на судиите и јавните обвинители преку постојана соработка со Националната школа за судии и јавни обвинители на Бордо, даде свој придонес за развојот на односите со Франција, како и за иднината на европската интеграција на земјата“, се наведува во соопштението на Француската амбасада.

„Орденот за национални заслуги на Франција“ е воспоставен во 1963 година од страна на генералот Де Гол и е едно од најпрестижните француски одликувања. Со него се наградуваат воени или цивилни лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција. Одликувањето се доделува со указ на претседателот на државата.

Одликувањето за Арнаудовска беше најавено  во рамки на настанот кој се однесуваше на  преезентацијата на кандидатката од француската правосудна академија Емили Петровски за нејзиниот стаж во правосудните институции во РМ.

Искажувајќи огромна благодарност до Амбасадата на Република Франција и до Република Франција, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители вели дека  одликувањето е резултат на успешната соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители, посебно во делот на едукацијата и реализацијата на стажот на кандидатите на Државната правосудна академија од Република Франција, но и за сите активности кои произлегуваат од соработката помеѓу Амбасадата на Р Франција и Академијата.

Анета Арнаудовска ќе добие одликување Витез од државниот ред за заслуги на Република Франција

М.В