/ Прочитано:

1.233

Отсуството на странките и ненавремениот спровод од затвор – причини за нерешавање на предметите од Кривичниот суд

Во случаите во кои има поголем број обвинети, а се забележува постојано отсуство на некој од обвинетите поради што доаѓа до одложување на главната распава, судиите од повисокиот суд сметаат дека Судот, во согласност со законските одредби од чл. 316 ст. 2 од стариот ЗКП, има можност да определи притвор за да ги обезбеди обвинетите кои избегнуваат да присуствуваат на главната расправа. Воедно, за секое неоправдано отсуство на овластениот тужител на главна расправа, Судот, во согласност со ЗКП, за ваквото однесување на обвинителите треба да го извести Основното јавно обвинителство, велат апелационите судии во препораките.

Основен суд Скопје 1

Според анализата на предметите на Основниот суд Скопје 1, која ја извршил Апелациониот суд, констатирано е дека во понискиот суд има вкупно 477 предмети кои се постари од две години, а не се решени. Од нив 427 се од Одделението за кривично полнолетни, додека 50 предмети се од Одделението за организиран криминал и корупција.

Најмногу нерешени предмети датираат од 2013 година, односно вкупно 147, потоа од 2012 година има вкупно 87 нерешени предмети, 74 предмети останале нерешени од 2014 година. Двата најстари предмети, кои не се решени, се стари 18 години, односно се од 1998 година.

Нерешени предмети во Крвичниот суд

Апелационите судии утврдиле дека најчеста причина за нерешавање на предметите  е отсуството на обвинетите или на нивните бранители на главните расправи. Но, покрај отсуството на одбраната, што, според анализата, се смета како тактизирање за намерно одолжување на постапката, утврдено е дека како причина за одложување е и отсуството на јавен обвинител, на вешти лица или на сведоци кои биле уредно повикани и за кои Судот сметал дека треба да присуствуваат и да бидат сослушани на главната расправа.

„Во дел од предметите констатирано е дека доаѓа до одолговлекување на постапката бидејќи до Судот навреме не се доставуваат вештачења од институциите, а во дел од предметите главните расправи се одлагаат бидејќи од КПУ „Идризово“ и КПУ „Затвор – Скопје“ не се спроведуваат обвинетите по испратени наредби од страна на Судот, како и поради непостапување на надлежните државни органи за спроведување на наредбите за приведување на обвинетите од пријавените адреси на кои живеат“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.

Во случаите во кои има поголем број обвинети, а се забележува постојано отсуство на некој од обвинетите поради што доаѓа до одложување на главната распава, судиите од повисокиот суд сметаат дека Судот, во согласност со законските одредби од чл. 316 ст. 2 од стариот ЗКП, има можност да определи притвор за да ги обезбеди обвинетите кои избегнуваат да присуствуваат на главната расправа. Воедно, за секое неоправдано отсуство на овластениот тужител на главна расправа, Судот, во согласност со ЗКП, за ваквото  однесување на обвинителите треба да го извести Основното јавно обвинителство, велат апелационите судии во препораките.

Апелационите судии навеле дека при повторно постапување на Основниот суд Скопје 1 во жалбена постапка по предмети кои биле укинати, судиите од Кривичниот суд ги презеле потребните дејствија во согласност со насоките од второстепениот суд.

Генералната оцена за судиите од Кривичниот суд од страна на колегите од Апелациониот суд е дека работат ангажирано и посветено на решавањето на старите предмети. Посетата на Кривичниот суд била реализирана во април годинава.

На крај, од Кривичниот суд наведуваат дека со оглед на забрзаното темпо на работа и давањето приоритет на решавањето на старите предмети, за не дојде до нивно застарување, се очекува до крајот на оваа година или до почетокот на наредната година сите стари предмети да бидат решени со првостепена пресуда.

М. С.