Петти регионален форум за владеење на правото на Југоисточна Европа
Денеска се одржува Петтиот регионален форум за владеење на правото на Југоисточна Европа, во организација на британската организација „АИРЕ-центар“, која е посветена на советувања за индивидуалните права во Европа, и шведската организација Заштитници на граѓанските права.
На дводневниот форум учествуваат над 150 претставници на правосудните институции од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, како и девет сегашни и поранешни судии од Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Форумот е организиран со поддршка од Британската влада, Шведската агенција за меѓународен развој и Советот за регионална соработка.
На денешниот настан беше нагласено дека владеењето на правото е клучен императив за заштита на човековите права, и во таа насока дека секој граѓанин има право на пристап до правда, односно на пристап до независен и непристрасен суд. Владеењето на правото никогаш не смее да се отуѓи од граѓаните, кои секогаш ќе можат да сметаат на правдата, која подразбира и нивна сигурност и достоинство.
На форумот се обрати и претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, кој рече дека Република Македонија е наследничка на политичката филозофија во која што сувереноста на владеењето на правото и правната држава се врвен принцип.
„За да биде цврсто утврдено владеењето на правото, граѓаните треба да видат дека сите институции на државата, не само оние на правдата и безбедноста, се таму за да им служат токму ним, на граѓаните. Судските институции треба да обезбедуваат ефикасен и непристрасен пристап до правдата, гаранции за фер судење и еднаквост пред законот, а затворските системи да ги почитуваат принципите на човековите права“, рече Заев, кој изрази уверување дека враќањето на правната држава и владеењето на правото ја прифатил како една од неговите приоритетни задачи.
„За да успее секоја реформа, потребно е повеќе од нови закони, нови институции или нови насоки. Потребно е сите вклучени да преземат професионална одговорност во согласност со задачата што ја извршуваат. Многумина ќе се повикаат на Извештајот на Прибе од 2015 година, во кој се дадени причините за политичката криза во Македонија, неговите забелешки за тоа колку често официјалните претставници одбиле да донесат одлуки, да преземат одговорност, но и дека постојат и официјални претставници кои носеле одлуки кои не се во согласност со професионалните барања, туку се одлуки со кои верувале дека ќе ги задоволат политичките лидери“, рече британскиот амбасадор Чарлс Гарет.
М.В