Пишување на титулите, функциите, професиите
Старата латинска вели REPETITIO MATER STUDIORUM EST или ПОВТОРУВАЊЕТО Е МАЈКА НА ЗНАЕЊЕТО, затоа Академик ќе ве потсетува на некои правила од Правописот на македонскиот јазик со цел да го повториме она што некогаш сме го учеле.
- Научните степени и научните титули, како и функциите, професиите и специјалностите се пишуваат со мала буква ако не се на почетокот на реченицата: магистранд, магистер, докторанд, доктор, доцент, вонреден професор, редовен професор, академик, претседател, премиер, министер, државен секретар, градоначалник, советник, канцелар, народен правобранител, јавен обвинител, амбасадор.
- Овие зборови се пишуваат со мала буква и кога стојат како определби пред личното име на коешто се однесуваат.
Примери:
- Општина Богданци, застапувана од градоначалникот, и Општина Дојран, застапувана од градоначалникот, склучија Договор за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Богданци и Општина Дојран.
- Тој беше именуван за државен секретар на Министерството за образование и наука.
- Општината Битола во корист и за сметка на Општина Новаци преку својот државен службеник советник за заштита на животната средина и природата ќе врши определени работи од надлежност на заштита на животната средина.
- Како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност, на оваа страница можете да ги проверите висините на платите на претседателот на Владата.
- Највисоката награда на градот Охрид „Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид“ за животно дело му беше врачена на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.
- На средбата, амбасадорот Бомгартнер изрази задоволство од успешната соработка на Општина Велес со повеќе градови и организации во Република Франција.
- Новиот јавен обвинител на Република Северна Македонија одржа работна средба со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.
- Министерството за информатичко општество и администрација се согласува со насоките на народниот правобранител Иџет Мемети дека се потребни конкретни промени во јавната администрација.
- Но, кога станува збор за институциите Претседател на Република Северна Македонија и Народен правобранител на Република Северна Македонија, зборовите „претседател“ и „народен“ се пишуваат со голема почетна буква.
Примери:
- До Народниот правобранител на Република Северна Македонија пристигнале вкупно 546 претставки, соопшти народниот правобранител Иџет Мемети.
- Македонските граѓани оценуваат дека институцијата Претседател на Република Северна Македонија е најчесна и ја рангираат како последна на скалата за корумпираност, покажува најновата анкета на ИРИ.