/ Прочитано:

1.292

Употреба на голема буква во називите на документите

Старата латинска вели REPETITIO MATER STUDIORUM EST или ПОВТОРУВАЊЕТО Е МАЈКА НА ЗНАЕЊЕТО, затоа Академик ќе ве потсетува на некои правила од Правописот на македонскиот јазик со цел да го повториме она што некогаш сме го учеле.

Општите именки, како што се: извештај, договор, план, програма, решение, одлука итн., се пишуваат со мала буква, освен кога се на почетокот на реченицата или кога се наслов на документ.

Примери кога горенаведените именки се пишуваат со мала буква:

  • Субјектот има обврска за доставување извештај за работењето.
  • Трговското друштво има договор за друштвото, односно статут на друштвото.
  • За секое испитување треба да се изработи план за испитување.
  • Академијата е должна еднаш годишно најдоцна до 1 декември да изготви програма за доброволна континуирана обука за наредната година.
  • Жалбата за која не е платена судска такса со решение ќе се отфрли.
  • Правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство.

Примери на употреба на горенаведените именки како наслов:

  • На дневен ред на седницата пред пратениците е Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година.
  • Закон за ратификација на измените и дополнувањата на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и ЕФТА државите
  • Со Планот за нумерација се утврдува структурата, должината и намената на броевите и сериите на броеви кои ги користат операторите и други правни лица.
  • Во Програмата за заштита на потрошувачите за периодот 2021-2022 година се утврдуваат основните цели на политиката за заштита на потрошувачите.
  • Се укинува Решението УП.1 бр.11-44 од 16.05.2018 година.
  • Владата донесе Одлука за отворање на Почесен конзулат на Република Северна Македонија во Република Турција, со седиште во Измир.