/ Прочитано:

3.181

Постапка за избор на техничка влада по оставката на Заев 

Пратениците ја констатираа оставката на Зоран Заев од функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија. Оставката е објавена на веб-страницата на законодавниот дом. Во неа Заев посочува дека нема да ја образложи оставката усно.

Оставката на претседателот на Владата, се пропишува во Уставот, повлекува оставка на Владата.

„Заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон.

Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Министерот за труд и социјална политика го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија“, се пропишува во Законот за Владата, во одредбите кои се однесуваат на изборот на т.н. „Пржинска влада“ како договор меѓу политичките партии.

На последната средба кај претседателот Пендаровски, партиите се договорија изборите да се одржат на 12 април 2020 година. Според најавите, Собранието напладне ќе ја констатира оставката на Заев, со што ќе започне постапката за доделување мандат на Оливер Спасовски за формирање техничка влада. Спасовски беше поддржан од СДСМ да ја предводи идната техничка влада. Во неа ќе има и министри предложени од ВМРО – ДПМНЕ, и тоа: Рашела Мизрахи за дополнителен министер за труд и социјална политика; Цветан Трипуновски за дополнителен министер за земјоделство; Гордана Димитриеска-Кочоска за дополнителен министер за финансии и Невенка Стаменковска-Стојковски за дополнителен министер за информатичко општество и администрација. Пендаровски во 13:45 часот ќе му го врачи мандатот на Оливер Спасовски.

М.В