/ Прочитано:

1.647

Потребни се итни реформи за намалување на невработеноста на младите

Државата мора да се насочи кон промени во образовниот систем, а посебно треба да се работи на зајакнување на соработката меѓу високообразовните институции и компаниите. Примерот со Италија, каде што 85 % од компаниите се мали и средни претпријатија, ја покажува тесната соработка на фирмите со универзитетите. Работодавците таму имаат огромно влијание врз образованието и на тој начин се дизајнираат идните професии. Сè се прави според потребите на пазарот на трудот. Доколку е зголемена потребата од архитекти, на пример, има многу повеќе слободни места на архитектонските, на градежните факултети. Ова би било навистина позитивна мерка која може да придонесе за намалување на невработеноста.

млади

Невработеноста на младите во Македонија изнесува 52,9 отсто, загрижувачки податок според кој земјава е рангирана на третото место на светската листа на невработеност на млади. Веднаш по нашата земја следуваат Босна и Херцеговина и Грција. Аналитичарите на овој феномен сметаат дека неможноста за вработување веднаш по излегувањето на младите од формалното образование ги доведува до фрустрација, незадоволство, депресија, поради што честопати се откажуваат од потрагата по работа или прифаќаат да работат што било за многу ниска плата. Ваквиот тек на настаните доведува до масовно иселување на младите од Македонија, поради што е потребно да се направат итни и сериозни реформи во повеќе области во земјава, велат професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а со оваа констатација се согласуваат и повеќе невладини здруженија.

Петар Антевски од Младинскиот образовен форум (МОФ) вели дека од исклучителна важност за намалување на невработеноста на младите е од страна на работодавците да се земе предвид и нивното неформално образование кога конкурираат за одредено работно место.

„Неформалното образование во Македонија сè уште нема свое значајно место. Тоа не е признаено од страна на работодавците, воопшто не се вреднува, иако практичните обуки, семинари, курсеви, се дополнителна надградба на еден млад човек кој во текот на студиите, односно во текот на формалното образование немал можност практично да се запознае со проблематиката за која учел. Сметам дека неформалното образование на некој начин мора да се вметне во дел од законските рамки, да биде дел од образовниот процес и секако да носи дополнителни бодови при вработувањето. Од друга страна, и младите луѓе треба да знаат дека стручните обуки, едукативните работилници не се попусто потрошено време или фрлени пари. Праксата треба да биде составен дел и во средното образование. Искуствата од развиените земји покажуваат дека за упис на некој од факултетите задолжително се бара потврда за одреден број часови поминати на пракса. Доколку се прават некакви реформи во однос на овие прашања, треба да се дејствува токму на ова поле“, вели Антевски.

Професорот Драган Тевдовски смета дека младите мора да бидат поттикнувани од страна на државата за отворање сопствени бизниси, но, како што рече, пред сè, државата мора да дејствува во насока на ослободување од притисокот врз целокупната бизнис-клима во земјава.

„Не смее да има селективност на фирмите, особено кога станува збор за казните во бизнис-секторот. За да се избегне ваквата ситуација, во светот постојат посебни регистри за спроведен инспекциски надзор и веднаш може да се забележи кои фирми биле на удар, а кои воопшто не се посетени од страна на инспекторите од повеќе надлежни институции во зависност од дејноста што ја врши одредена фирма, компанија и слично. Тоа кај нас не постои. Владата спроведува низа мерки за намалување на невработеноста, но тука има многу недостатоци, недоречености. На пример, сериозен проблем претставува фирмарината – административна такса чијшто износ е ист за сите, односно и за фирмите што тукушто започнале со работа и за фирмите кои повеќе години успешно работат. Затоа сметам дека во овој дел се неопходни реформи, вели Тевдовски.

Според професорката Билјана Секуловска-Габер, државата мора да се насочи кон промени во образовниот систем, а посебно треба да се работи на зајакнување на соработката меѓу високообразовните институции и компаниите.

„Примерот со Италија, каде што 85 % од компаниите се мали и средни претпријатија, ја покажува тесната соработка на фирмите со универзитетите. Работодавците таму имаат огромно влијание врз образованието и на тој начин се дизајнираат идните професии. Сè се прави според потребите на пазарот на трудот. Доколку е зголемена потребата од архитекти, на пример, има многу повеќе слободни места на архитектонските, на градежните факултети. Ова би било навистина позитивна мерка која може да придонесе за намалување на невработеноста“, вели Габер.

Нита Старова, од Фондацијата „Фридрих Еберт“, посочи дека за невработеноста на младите во Македонија неопходно е кариерно советување на младите и информативна кампања бидејќи имаат многу малку сознанија за тоа во која индустрија припаѓа нивната професија, кои се водечките фирми, колкава е најниската или највисоката плата.

Покрај поголема активност на младите во нивната потрага по работа и самостојно информирање за кариерните можности, се препорачува повеќе да се активираат и центрите за кариера при средните училишта и универзитетите.

А. Б.