/ Прочитано:

1.814

Потребни се измени на ЗКП со цел подобрување на позицијата на одбраната и овозможување еднаквост на оружјата

Адвокатската комора на РМ, во соработка и со финансиска поддршка на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД во Скопје, во рамките на заеднички проект, на 2 и 3 февруари во Струмица одржа практична обука за Законот за кривичната постапка.

На обуката се обрати претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, кој го истакна значењето на проектот за адвокатите, како и задоволството од поддршката на  Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД во Скопје поради препознавање на потребата за имплементација на еден ваков проект.

Предавачи на обуката беа адвокатката Павлина Зефиќ од Скопје и  адвокатот Љубомир Михајловски од Скопје. Во рамки на обуката беше спроведена и симулација на главна расправа, а адвокатите низ активна дискусија ги акцентираа проблемите со кои се соочуваат во реалноста при практичната примена на Законот за кривичната постапка.

Генерален заклучок од обуката е дека кривичната постапка ќе ја оствари својата цел единствено ако се обезбеди вистинска еднаквост на оружјата на странките во постапката  и дека за таа цел се неопходни измени за подобрување на позицијата на одбраната и осигурување на ефективна одбрана.

Инаку, и во Стратегијата за реформи на правосудството се вели дека посебно загрижува дисфункционалноста на пристапот до бранител во кривичната постапка. Нема подетални стандардизирани пишани процедури и механизми што ќе го обезбедат или ќе го олеснат остварувањето на правото на бранител на осомничениот кога тој е повикан на испитување во полиција, особено ако е лишен од слобода, што е само една од причините зошто осомничените во Република Македонија речиси никогаш не користат бранител во полиција.

Потребата од надминување на невоедначеното толкување поради непрецизност на одредени законски одредби и нивната практична примена, хармонизирање со новодонесените директиви на ЕУ и исполнување на препораките од ГРЕТА се основа за измени и дополнувања на ЗКП.

М.В