/ Прочитано:

8.955

Правен калкулатор за пресметка на трошоци за правни постапки – младите ентузијасти, правници и информатичари креираа корисна алатка

„WeTalkIT“, заедницата на млади ИТ-ентузијасти, овој пат во соработка со „Skopje Legal Hackers, официјално го објавија новиот проект наречен „Правен калкулатор“.

Со единствена цел да придонесат за позитивни промени во општеството и да им помогнат на своите сограѓани, тие ја изработија алатката „Правен Калкулатор“, како и мобилни апликации за нејзино користење.  Главниот мотив зад овој проект е да им се помогне на  граѓаните полесно и попрецизно да ги пресметуваат трошоците за различни правни постапки.

Алатката овозможува пресметка на различни видови правни трошоци, вклучувајќи адвокатски и нотарски тарифи, Закон за судски такси, тарифа на Катастар и други тарифи кои досега биле комплексни за толкување. Почнувајќи од продажба на недвижен имот, купопродажба со хипотека, сè до присилна наплата на фактури, со правниот калкулатор ќе може ориентациско да се провери колку би чинела некоја од овие постапки во Република Македонија и ќе може лесно да се испланира сопствениот буџет. Бидејќи во реалноста постојат голем број варијабли, калкулаторот не пресметува со 100% прецизност, меѓутоа естимира ориентациска вредност на постапката.

„Овие постапки се застапени секојдневно. Сите тие опфаќаат трошоци предвидени во различни тарифници, што претставува пречка за предвидување на тој трошок во буџетот кога се започнува која било од постапките. Затоа решивме да покренеме иницијатива за реализација на еден ваков општествено одговорен проект, за кој колегите од ‘WeTalkIT’ со задоволство ни излегоа во пресрет. Тие се погрижија технички да ја реализираме оваа иницијатива, која веруваме дека ќе биде од голема помош“, велат од „Skopje Legal Hackers“.

Алатката е достапна на веб-страницата www.pravenkalkulator.mk, како и во форма на мобилна апликација која може да се инсталира на Android и iOS мобилни телефони. Правниот калкулатор е многу лесен за користење и ќе овозможи лесно да се пресметаат правните трошоци на чинење кои досега претставувале проблем.

„Навистина ни е драго што бевме рамо до рамо со ‘Skopje Legal Hackers’ при реализација на овој проект. Нè радува што нашата заедница ги мотивираше и инспирираше младите правници да покренат иницијатива за креирање на оваа алатка, која веруваме дека ќе им биде од голема помош на сите наши сограѓани. Ги охрабруваме сите да ја користат алатката и се радуваме што како ИТ-ентузијасти овозможивме да се создаде продукт кој ќе придонесе за доброто на граѓаните“, велат од WeTalkIT

Следствено на првиот проект на „WeTalkIT“, кој беше реализиран по повод Супер купот  2017 во Скопје, и овој проект е реализиран без никаков финансиски надомест за која било од двете заедници. „Skopje Legal Hackersве повикува да им се придружите на овие млади ентузијасти и да им помогнете во нивната цел да работат на општествено одговорни проекти.

„Калкулаторот може да се надградува со нови постапки, како и да се вршат измени во постојаните. Доколку имате идеи или забелешки ве молиме да ги споделите на фан-страницата на ‘Skopje Legal Hackers.“

„Skopje Legal Hackers“

„Skopje Legal Hackers“ е македонското поглавје на глобалното движење „Legal Hackers“ – кое на едно место обединува адвокати, креатори на политики, програмери, инженери, академици итн., кои истражуваат и развиваат решенија за некои од најактуелните појави кои се наоѓаат на пресекот помеѓу правото и технологијата.

Низ локални средби, хакатони и работилници, „Legal Hackers“ наоѓаат можности преку кои технологијата ќе ја подобри имплементацијата на правото, како и начинот на кој правото ќе може да се адаптира на брзите промени во технологијата.

„We Talk IT“

„WeTalkIT“ е непрофитна и волонтерска заедница, составена од девелопери. Aктивностите на заедницата се структурирани во 4 столбови, меѓу кои: промовирање и поддршка, развој на кариерни можности, споделување знаења и личен напредок на девелопери во Македонија, како и креирање и имплементирање на проекти што се од корист за граѓаните на Македонија.

М.В