/ Прочитано:

1.980

Придавки што се пишуваат слеано

Старата латинска вели REPETITIO MATER STUDIORUM EST или ПОВТОРУВАЊЕТО Е МАЈКА НА ЗНАЕЊЕТО, затоа Академик ќе ве потсетува на некои правила од Правописот на македонскиот јазик со цел да го повториме она што некогаш сме го учеле.

 

Сложените придавки образувани од придавка и именка: високообразовен (високо образование), внатрешнополитички (внатрешна политика), имотноправен (имотно право), јавнообвинителски (Јавно обвинителство), кривичноправен (кривично право), надворешнополитички (надворешна политика), научноистражувачки (научно истражување), политичкоекономски (политичка економија), средновековен (среден век), уставносудски (Уставен суд); како и сложените придавки од зборовни состави од две именки: бракоразводен (развод на бракот), природонаучен (наука за природата).

Примери:

  • Внатрешнополитичката криза влијае врз ефикасноста на институциите.
  • Поради нерешени имотноправни односи прекината е работата на автопатот.
  • Сведоци на кривичноправниот настан дадоа изјава пред јавен обвинител.
  • Изнесената уставносудска анализа и правно милење за тие одредби, се однесува и за овие оспорени законски одредби.
  • Во бракоразводна парница ќе се утврдува старателството врз децата.

 

Сложените придавки на кои првиот дел им е пол-, полу-: полчасовен, полгодишен и полугодишен, полузатворен, полулегален, полумесечен; како и оние со прв дел број или бројна придавка: едновечерен, тригодишен, тристран, деветмесечен, петнаесетгодишен, првобитен, првокласен, второстепен, третокласен и сл.

Примери:

  • Состанокот беше од полузатворен тип.
  • Потребно е да се изготви полумесечен извештај.
  • Пробиен е рокот од тригодишниот план за изградба на објектот.
  • Второстепената комисија ќе одлучува по жалбите.