/ Прочитано:

1.657

Предизвиците што ги носи адвокатурата за новите адвокати

За да биде подготвен за почнување на адвокатската работа, младиот адвокат треба и самиот да се подготви за полесно совладување на препреките што му стојат на патот.

Илустрација

Во 2015 година веб-страницата abovethelaw.com направила анкета меѓу адвокатите и правниците за тоа дали сметаат дека правниот факултет ги подготвил за практичните предизвици што ги носи професијата. Во анкетата учествувале 880 правници, од кои 500 веќе работат или порано работеле во адвокатски фирми составени од повеќе адвокати и соработници. Од нив 71 % одговориле негативно на прашањето, т.е. дека не се чувствувале подготвени за извршување на правничката и адвокатската работа по завршувањето на правните студии, додека од вкупниот број анкетирани биле издвоени и оние кои подолго време се бавеле со адвокатура, па кај 87 % од нив одговорот бил исто така негативен.

Како главни недостатоци кај новите адвокати кои почнуваат да се бават со професијата се издвојуваат: способностите поврзани со развивањето на бизнисот, односот со клиентите, недоволното познавање на индустријата и на бизнис-заедницата, организирањето и менаџирањето на времето. Според тоа, останува овие и слични практични способности новиот адвокат да ги научи во текот на работата, а често се случува и адвокатските фирми да  организираат обуки и да обезбедуваат дополнителни ресурси со цел да им помогнат во нивното надградување.

Сепак, за да биде подготвен за почнување на адвокатската работа, младиот адвокат треба и самиот да се подготви за полесно совладување на препреките што му стојат на патот.

На почетокот најважно е самиот да направи лична процена за тоа во кој дел од професијата се пронаоѓа себеси, која област најмногу му лежи за работа и каде ќе може да ги вложи и да ги покаже своите способности. Исто така на почетокот корисно е да се побара помош, односно менторство – некој искусен адвокат кој ќе го води во новата работа и кој ќе му даде првична насока во кој правец да ја движи својата кариера.

Неискусниот адвокат постојано треба да учи. Тој треба да биде во постојан контакт со другите колеги, со познаници кои работат во правната професија и да биде во комуникација со нив за да ги следи законските промени и да дебатира во врска со некој пропис, практичен случај или судски предмети. Сето ова е полезно и е во насока на подобрување на личните способности.

Многу важен чекор во ширењето контакти и стекнувањето познанства со други правници е членството во некоја организација која се занимава со правни работи, која работи на правни проекти и која има мрежа составена од членови кои се активни правници. Тоа членство понатаму, секако, може да биде почеток на создавање бизнис-релации и стекнување на клиенти во адвокатската професија, а неизбежно е и запознавањето со практичниот дел на адвокатурата.