/ Прочитано:

1.669

Предложени измени на Законот за учебници за основно и средно образование

Владата во Собранието на РМ поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование по скратена постапка. Целта на предложените законски решенија е да се доуредат и допрецизираат  процедурите и постапките за набавка и обезбедување на учебници за учениците во основните и средните училишта во Република Македонија, а со крајна цел да се обезбедат квалитетни учебници за учениците.

Со предложените измени се уредува дека на издавачот му се дава право да го пушти во слободна продажба одобрениот учебник, по цена по која Министерството го откупува. Сo предложените измени се доуредуваат условите кој може да биде автор на учебник:

Автор на учебник е лице со завршено најмалку високо образование од областа на која припаѓа наставниот предмет за кој е наменет учебникот и кој има најмалку десет години работно искуство како наставник или соработник во високо образование, односно како наставник во основно или средно образование по соодветниот наставен предмет за кој е наменет учебникот.

Автор на учебник може да биде и лице со најмалку високо образование кое е соодветно според наставната програма за предметот за кој е наменет учебникот и кој има најмалку десет години работно искуство како наставник или соработник во високото образование, односно како наставник во основно или средно образование соодветно според наставната програма за предметот за кој е наменет учебникот.”

Со законските измени се допрецизира и постапката кога Педагошката служба објавува јавен повик за доставување барања за одобрување учебник по странски јазик. Со измените се регулира и постапката во случаите кога Педагошката служба објавува јавен конкурс за издавање учебник на кој можат да конкурираат издавачки куќи со адаптиран учебник од странство или автор, односно автори од Република Македонија да конкурираат со подготвен учебник.

Во одобрените учебници, се пропишува во законските измени, ако се потребни одредени исправки или дополнувања од стручен, методолошки или технички аспект, или превод, а не претставуваат повеќе од 30 % од содржината на учебникот, Педагошката служба може да ги повика издавачите, односно авторите да предложат исправки и/или дополнувања во текстот на учебникот во рок од 30 дена од денот на добивање на повикот.

Директорот на Педагошката служба формира комисија за давање на мислење по доставените предлози за исправки и/или дополнувања. Со законските измени се уредуваат начинот на изборот, именувањето и разрешувањето на членовите на рецензентската комисија, начинот на работа на рецензентската комисија,  како и висината на надоместокот на членовите на рецензентската комисија, врз основа на обемот и сложеноста на работата по учебник.

Секој учебник, се вели во законските измени, може да биде во употреба пет учебни години, освен учебниците во кои има содржини кои ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење, како и учебниците за прво, второ и трето одделение.

М.В