/ Прочитано:

2.547

Предложено дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај во врска со бесплатниот превоз на учениците

Во Собранието на РМ група пратеници предложија Закон  за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај,  по скратена постапка. Предложените решенија се во насока на уредување на начинот на остварување на правото на бесплатен превоз на учениците од основните и средните училишта, утврдено со Законот за основното образование и со Законот за средното образование, во рамките на општинскиот и меѓуопштинскиот линиски превоз, при што се овозможува непречено остварување на правото на бесплатен превоз за учениците од основните и средните училишта и рационална алокација, односно искористување на буџетските средства.

На подрачјето на поголем дел од општините, се вели во законското образложение, општинскиот линиски превоз го вршат приватни превозници врз основа на петгодишна дозвола за вршење на општински линиски превоз издадена во согласност со членот 19 од Законот за превоз во патниот сообраќај и во рамки на општинскиот линиски превоз вршат превоз и на ученици од основните и средните училишта.

Со предложеното дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај  би се одбегнало спроведување на постапки за јавни набавки кои се со неизвесен исход и при кои вообичаено се добиваат цени кои се повисоки од пазарните цени, што е спротивно на целта на водењето на постапки за доделување на договори за јавни набавки, а притоа вршењето на услугата бесплатен превоз на ученици по цени утврдени со тарифен систем од страна на советите на општините и Советот на Град Скопје во рамки на општинскиот линиски превоз и по цени утврдени од самите превозници во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз кои не се повисоки од цените за останатите патници, реално би ги рефлектирале пазарните цени.

„Членот 61 од Законот за основно образование пропишува право на бесплатен превоз за учениците, ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште, како и за учениците со посебни образовни потреби и лицата за нивна придружба, без оглед на оддалеченоста на нивното место на живеење до основното училиште. Исто така, членот 41-а од Законот за средното образование пропишува право на бесплатен превоз за учениците, под услови пропишани во овој членот. Иако, членот 61, став 3 од Законот за основното образование и членот 41-а, став 6 од Законот за средното образование, речиси идентично пропишуваат дека начинот на организирање на бесплатниот превоз на учениците го утврдува министерот, подзаконски акти кои произлегуваат од овие одредби не биле никогаш донесени, што довело и доведува до бројни контроверзии при овозможувањето на правото на бесплатен превоз на учениците“, се вели во законското образложение.

Идентично и при превоз на ученици помеѓу две и повеќе општини, се јавува потреба од обезбедување на правото на бесплатен превоз на ученици во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз.

„Сметаме дека има потреба од иницирање на промена на постојната законска регулатива, односно на Законот за превоз во патниот сообраќај во правец на пропишување на одредби во согласност со кои бесплатниот превоз на ученици би го вршеле имателите на дозволи за општински линиски превоз по цени утврдени во согласност со тарифен систем усвоен од советите на општините, додека бесплатниот превоз на ученици помеѓу две или повеќе општини би го вршеле превозниците кои имаат дозволи за вршење на меѓуопштински линиски превоз на патници по цени утврдени од самите превозници, но кои не би биле повисоки од цените за останатите патници, имајќи предвид дека превозниците во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз самостојно ја утврдуваат цената на превозот, во согласност со членот 27 од ЗППС“, се вели во образложението.

M.В