/ Прочитано:

8.341

Предвремени парламентарни избори

Најголемите политички партии на средбата кај претседателот на државата се договорија на 12 април 2020 година да се одржат предвремени парламентарни избори. Според договореното и според законодавството, на 3 јануари 2020 ќе треба да почне да работи новата техничка влада.

Во Законот за Владата на Република Македонија се пропишува дека заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон.

Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Министерот за труд и социјална политика го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

„Заради организација на избори за пратеници, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, именува дополнителен заменик на министерот во:

– Министерството за внатрешни работи – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија,

– Министерството за труд и социјална политика – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија,

– Министерството за финансии – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија,

– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство предложен од политичката партија во опозиција со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија и

– Министерството за информатичко општество и администрација – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија“, се пропишува во Законот за Владата на Република Македонија во врска со дополнителните министри. Ваквите измени за воведување дополнителни министри и министри по предлог на опозицијата се познати како измени за т.н. „пржинска влада“. Овие измени, се пропишува во Законот, ќе се применуваат до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија.

М.В