/ Прочитано:

1.214

Препораки и совети од МТСП и од Црвениот крст до граѓаните за заштита од студот

И покрај прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи дека во наредните денови се очекува зголемување на температурата, Црвениот крст на Република Македонија апелира да се почитуваат препораките за заштита на здравјето на граѓаните од студениот бран.

Зима луѓе

Министерството за труд и социјална политика повторно упати повик до сите граѓани на Република Македонија кои сметаат дека се загрозени, како и до сите граѓани што имаат сознанија дека други лица можат да бидат загрозени од поларниот студ и ниските температури што ја зафатија земјава во изминатата недела да се јават на бесплатниот број 195 во Центарот за управување со кризи со цел нивно понатамошно згрижување од страна на тимови од Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст на Република Македонија.

И покрај прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи дека во наредните денови се очекува зголемување на температурата, Црвениот крст на Република Македонија апелира да се почитуваат препораките за заштита на здравјето на граѓаните од студениот бран.

„Акциониот  план за превенирање на последиците врз здравјето на луѓето во Република Македонија, кои можат да бидат резултат на екстремно ниските температури, е во согласност со стратегијата за адаптација на здравствениот сектор на климатски промени, а неговата цел е да се намалат и/или да се избегнат штетните влијанија врз здравјето на луѓето како резултат на студеното време и студените бранови. Тоа ќе се постигне со преземање на превентивни мерки и активности за информирање на населението, стручните лица и надлежните институции и организации, со посебен акцент на ранливите групи на населението. Доколку овие активности бидат преземени навремено, последователно ќе помогнат да се намали товарот врз системот на здравствената и социјалната заштита“, соопштуваат од Црвениот крст на Република Македонија

Во случај на екстремно ниски температури Црвениот крст препорачува:

  • Избегнувајте физичка активност на отворено;
  • Користете топла, повеќеслојна облека и соодветни обувки за снег и мраз;
  • Внимавајте на лизгави површини.
  • Размислете за набавка на основните лекарства и намирници порано (да ви ги достават, или пак да прашате пријател или сосед за помош);
  • Избегнувајте да излегувате надвор, освен ако не е неопходно;
  • Бидете активни и движете се во затворени простории колку можете повеќе;
  • Проверете го греењето во домот. Најмалку една соба треба да ги исполнува препорачаните собни температури (18 – 21OC);
  • Доколку сте во можност помогнете им на членовите на фамилијата, на соседите или на пријателите кои спаѓаат во ризичните групи на население (постарите лица или оние со белодробни заболувања). Доколку забележите лице од ризик од студено време (бездомник, деца на улица и сл.), пријавете на бесплатниот телефон 15505.

Информации за ранливите групи на население:

  • Постарите лица имаат потреба од потопла облека бидејќи тие создаваат помалку топлина за своите тела;
  • Бебињата се повеќе подложни на ладење, затоа треба да се проверува дали се загреани (дланките и стапалата треба да се топли);
  • Доколку имате срцева или белодробна здравствена состојба, избегнувајте тешки вежби на ладни температури, и облекувајте се соодветно (заштитете ги вашите глава, дланки и стапала). Земајте ги вашите лекарства редовно; доколку користите инхалатор, вдишете од него пред да излезете на ладно;
  • Доколку имате дијабетес, вашите дланки и стапала може полесно да се повредат или при екстремни услови да страдаат од замрзнување, затоа внимавајте да останат загреани.
  • Доколку имате артритис, можете да дојдете до заклучок дека ладното ги влошува вашите симптоми. Ќе помогне доколку ги загревате повредените зглобови, и можеби ќе треба да ги приспособите вашите лекарства.
  • Обрнете особено внимание на оние што живеат сами.

Доктор специјалист по медицина на трудот треба да ги има предвид работните места со ризик и работниците кои работат на отворено во услови на ниски температури:

  • Докторите специјалисти по медицина на трудот мора да бидат соодветно  информирани, обучени и подготвени за акција, во услови на професионална изложеност на работниците на ниски температури, особено при работа на отворено, во зимскиот период.
  • Резултатите од процената на ризик од работа на студени работни места треба да бидат достапни на службите за медицина на трудот ( СМТ), при оценувањето на индивидуалната здравствена состојба и работната способност на изложените работници, како и утврдување превентивни мерки на конкретни работни места.
  • Службите за медицина на труд, ангажирани од страна на работодавецот,  имаат обврска за спроведување  на превентивни здравствени прегледи на работници кои работат во услови на ниска температура, во согласност со Правилник за видот, начинот и обемот на превентивни здравствени прегледи на вработените ( „Сл. весник на РМ“ бр. 171/2010).
  • Службите за медицина на труд имаат обврска да обезбедат соодветни информации на работодавачите и работниците кои работат во услови на ниска температура за постојниот ризик, како и примена на соодветни мерки за справување со ризикот  од ниски температури.

А. Б.