ПРЕСУДА НА УПРАВНИОТ СУД ВО КОРИСТ НА ГРАЃАНИН: БЕГ и Топлификација не смееле да ги прибираат неговите лични податоци
Управниот суд на РМ донесе одлука со која се потврдува дека БЕГ и Топлификација АД Скопје не смееле да прибираат лични податоци за граѓаните - сопственици на станови кои никогаш не се приклучиле на системот на парно греење.
„Управниот суд на РМ ја уважува пресудата на граѓанинот и го поништува Решението на Дирекцијата за заштита на личните податоци. По вака добиената изрека на пресуда се утврдува дека тужителот нема обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана моќност од причина што истиот не е исклучен, односно никогаш не бил приклучен на системот за снабдување со топлинска енергија. Оттука, јасно произлегува дека операторот Топлификација АД Скопје не требал односно не смеел да ги внесе податоците на тужителот во својата евиденција на потрошувачи истите да ги собере, евидентира, чува и открие на БЕГ ДООЕЛ Скопје“, се вели во пресудата на Управниот суд.
Пресудата на Управниот суд следи откако граѓанин, сопственик на стан каде никогаш не било вклучено парно греење, во негова корист ја доби првостепената и второстепената пресуда за постапките по платен налог. Во пресудите се утврдува дека не постоело правен основ за наплата на сметките.
Како што образложува застапникот на граѓанинот, адвокатот Владимир Кацарски, граѓанинот понатаму и пред Управниот суд ја побарал правдата во врска со законитоста на прибирањето на неговите лични податоци од страна на БЕГ и Топлификација АД Скопје.
Управниот суд, вели Кацарски, во овој случај застанал на страната на граѓанинот бидејќи утврдува дека прибирањето на личните податоци било спротивно на прописите.
„Практично, со вака донесената судска одлука се става ред во начинот на испраќање фактури за граѓаните. Верувам дека по вака заземениот став на Управниот суд, Дирекцијата за заштита на личните податоци на РМ ќе донесе поинаков став од досегашниот. Сите досегашни аргументи изнесени во првостепената постапка, како и во одговорот на тужбата, дека наводно „…се заштитува интересот на исполнување на обврските и одговорностите во прописите за енергетика…“ со оваа пресуда паѓаат во вода. Ваквото правно стојачиште е утврдено како незаконито и спротивно на истите правни прописи на кои тоа се повикува“, вели адвокатот Владимир Кацарски.
Во својата одлука, додава Кацарски, Управниот суд во една опсежна анализа на севкупната правна состојба утврдува дека правото е на страната на граѓанинот – тужител.
„По тој основ никој нема право да ги користи неговите лични податоци без негова изречна писмена согласност“, нагласува Кацарски.
ИЗВРШНА ПРЕСУДА НА УПРАВНИОТ СУД: ПИОМ незаконски „крател“ од парите на пензионер
М.В / veljanoskim@akademik.mk