/ Прочитано:

487

Приватноста на децата е само нивна

Автор: Мартина Дранговска Мартинова, Македонско здружение на млади правници

 „Се подготвуваме за првиот ден на одвикнување од пелени на Ема. Таа е 25 месеци.“ – вака отприлика звучи споделувањето на секојдневните предизвици на една мајка-инфлуенсерка, проследено со фотографии и видеа од двегодишното дете.

И додека родителите-инфлуенсери споделуваат совети за родителство и искрени моменти од растењето и воспитувањето на своите деца, корисниците на социјалните платформи ја конзумираат таквата содржина и учествуваат во сложените модели на приходи кои генерираат материјална вредност за родителите и компаниите. Дотолку повеќе, профилите на социјалните медуми на децата-инфлуенсери кои најчесто се креирани и водени од нивните родители, заработуваат милиони секоја година во светски рамки, а најуспешните од нив заработуваат и над 29 милиони долари.[1] Но, дали тоа е исплатливо за децата и доколку да, која е цената?

И покрај тоа што работата на децата во дигиталниот свет може да има значително влијание врз нивната добросостојба и права, отсуствува општоприфатена дефиниција и регулатива за дигиталниот детски труд. Правото на приватност на децата на интернет и управувањето со заработката се прашања кои заслужуваат зголемено внимание.

Не е игра ако генерира заработка

Појавата на децата-инфлуенсери има голем и непосреден потенцијал за експлоатација. Родителите долго време прават фотографии и видеа од своите деца за да ги споделат со пријателите и семејството. Сепак, со подемот на социјалните мрежи, родителите сега можат јавно да ги споделат овие фотографии и видеа и да заработат од таквите објави. Родителите често инсистираат дека нивните деца се забавуваат и уживаат во објавувањето содржини на социјалните мрежи; сепак, останува фактот дека спонзорирана објава може да генерира илјадници долари и за родителите и за компаниите.

Правото на детето на заштита против економска експлоатација е право стипулирано во Конвенцијата за правата на детето. Иако Конвенцијата експлицитно не го споменува дигиталниот труд, сепак, одредбите се применливи во решавањето на некои прашања поврзани со него. Во овој контекст, релевантни се одредбите кои се однесуваат на заштита на најдобрите интереси на детето и неговиот развој. Ова значи дека активностите не треба да одземаат премногу време и да бидат физички или емотивно напорни.

Сепак, ако детето сака да стане и потоа да остане популарен инфлуенсер, тоа може да вклучува (многу) редовно објавување на видео-блогови, слики и друга содржина на социјалните платформи. Производството на квалитетна и забавна содржина неделно или дури и дневно одзема многу време, а притисокот за продолжување е висок. Во двата случаи, меѓутоа, заштитата на децата од штетната односно опасна или емотивно напорна детска работа може да биде ограничена на работните односи, оставајќи ја работата на инфлуенсерите и други форми на дигитална работа на децата нерегулирана, иако може да има потенцијално штетни ефекти. Како резултат, децата остануваат незаштитени, освен ако нивните родители не постават ограничувања. Беспотребно е да се каже дека последното не се случува (доволно) ако родителите се дел од и активно го поддржуваат работењето на своите деца, уште помалку ако работата стане високо исплатлива.[2]

Со оглед на тоа дека годинава се навршуваат 35 години од усвојувањето на Конвенцијата, разбирлива е потребата од Генералниот коментар бр. 25 за правата на децата во врска со дигиталната околина кој Комитетот за правата на детето го усвои во 2021 година. Комитетот обезбеди насоки за релевантна легислатива, политики и други мерки кои ќе осигураат целосно усогласување на обврските на државите според Конвенцијата и опционалните протоколи во светло на можностите, ризиците и предизвиците во промовирањето, почитувањето, заштитата и осварувањето на сите права на децата во дигиталната околина.

Комитетот во коментарот признава и дека со креирањето и споделувањето на содржина, децата стануваат економски актери во дигиталната околина, што може да претставува ризик од нивна експлоатација. Оттука произлегува и обврската за државите да ги прегледаат релевантните закони и политики за да обезбедат дека децата се заштитени од економска експлоатација и нивните права во врска со работата во дигиталната средина.

Во моментов, сепак, во најголем дел од светот, децата-инфлуенсери немаат правна заштита според традиционалните закони за работните односи. Како резултат на тоа, постои ризик од нивна финансиска, физичка и психолошка експлоатација. За да се спречи експлоатацијата на овие деца, треба прво да се прифати дека тие работат, а потоа и да им се обезбеди заштита преку режимот на детски труд.

Отсуствува рамка за заштита на заработката на децата

И покрај парите што децата-инфлуенсери ги генерираат, останува нејасно дали тие се соодветно компензирани за учеството во спонзорирани објави со оглед на тоа дека родителите се тие кои располагаат со заработката. Притоа не постои законска гаранција дека приходите ќе бидат искористени во цели за најдобриот интерес на детето или дека детето ќе има можност слободно да располага со нив кога ќе достигне соодветна зрелост.

Во 1938 година, 23-годишниот Џеки Куган, кој глумеше во „Детето“ на Чарли Чаплин како мало дете, дозна дека неговата мајка и неговиот очув ги потрошиле милионите долари што ги заработил како дете-ѕвезда. Тој тужеше и победи, а како одговор, Калифорнија усвои предлог-закон во 1939 година, познат како Законот за Куган, за заштита на децата во слични улоги. Денес, ревидираната верзија на законот бара 15 отсто од заработката на детето да се префрли на штедна книшка. Неколку други држави имаат свои верзии на Законот за Куган, но само со еден исклучок, овие закони не се однесуваат на децата-инфлуенсери.

Исклучокот е сојузната држава Илиноис која донесе прв закон од овој вид во САД, со кој се бара од родителите да издвојат дел од заработката од содржината на социјалните мрежи што ги прикажуваат за нивните деца. Оваа година, најмалку седум други држави воведоа слично законодавство.[3]

Колку родителите треба да одвојат зависи од тоа колку детето се појавува во содржината. На пример, ако детето е во 100 отсто од видеата на некој инфлуенсер, треба да се одвои барем половина од заработката. Законот не бара од родителите да пријавуваат информации за заработката на нивното дете до државата, но им дава право на децата-инфлуенсери да покренат правна постапка.[4]

Во нашата држава отсуствува гаранција дека правилно ќе се користат надоместоците што им се плаќаат на децата за нивниот труд. И тоа не само кога се работи за дигиталниот детски труд, кој Законот за работните односи не го ни препознава. Финансискиот надомест што го заработуваат децата во нивните работни ангажмани се плаќа на нивните родители или старатели. Без јасни законски одредби или механизми за надзор, се поставува прашањето за тоа како се управува со овие приходи и дали тие се користат во најдобар интерес на детето. Овој недостаток на регулатива потенцијално може да доведе до ситуации каде што заработката на децата не е соодветно заштитена или искористена за нивната добросостојба и развој.

Ризикот по приватноста како клучна детерминанта на дигиталниот детски труд

Споделувањето придонесува за „нормализација на културата на надзор“[5] и претставува големо мешање во правото на приватност и приватен идентитет на детето.

Денешните деца се првите кои се родиле и растат во дигитален свет и нивното онлајн присуство често може да започне со објавување на нивното пренатално скенирање. Сепак, практиката на споделување на интернет може да доведе до сериозна грижа по приватноста на децата. Една студија спроведена во Обединетото Кралство покажа дека, во просек, речиси 1500 фотографии од дете ќе бидат објавени во дигиталната средина пред да наполнат пет години.[6]

Комитетот за правата на децата во Коментарот бр. 25 признава дека приватноста е од основно значење за достоинството и безбедноста на децата, како и за остварување на нивните права. Меѓу заканите по приватноста на децата, Комитетот ги наоѓа и оние поврзани од активностите на самите деца и нивните семејства и врсници, наведувајќи го за пример, споделувањето на нивните фотографии на интернет од страна на нивните родители.

Родителите објавуваат слики од своите деца на интернет со мало разбирање или обѕир на фактот дека тие го креираат дигиталниот отпечаток на нивните деца и го загрозуваат нивниот приватен идентитет, како и дека се мешаат во правото на детето на дигитална самоактуелизација. Веројатно, родителите ја жртвуваат приватноста на своите деца во замена за сопствената онлајн врска.

Секоја фотографија, видео или дел од информација споделена на интернет придонесува за дигиталниот отпечаток на детето, што може да има долгорочни последици. Штом нешто ќе се сподели на интернет, може да биде предизвик да се контролира кој го гледа или како се користи, што потенцијално ќе влијае на идната репутација и можности на детето. Споделувањето на содржина на која има деца, исто така ги изложува децата на различни ризици по приватноста, вклучувајќи кражба на идентитет, онлајн предатори и срам или вознемирување од врсниците.

Додека родителите треба да ги штитат личните податоци и приватноста на децата, раскажувањето за животите на децата преку споделување може да ја поткопа оваа заштитна улога. Некои застапници за правата на децата тврдат дека како што децата растат тие може да не се согласуваат со обелоденувањата направени од нивните родители години порано. За таа цел, францускиот закон им дозволува на возрасните деца да ги тужат своите родители за прекршување на приватноста што морале да ги доживеат кога биле помали.

Во 2015 година, Европскиот парламент, Советот и Комисијата се договорија за усогласена регулатива за заштита на податоците со општо очекување дека таа ќе биде од корист за сите граѓани. Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) која стапи на сила на 25 мај 2018 година ги усогласува европските мерки за приватност како „холистички напор за регулирање на податоците, кои, со оглед на нивната вредност, се сметаат за нова валута на оваа ера“.[7] Беше најавено дека GDPR го отвора патот за универзална приватност на податоците. Со нејзиното воведување, акцентот, од перспектива на децата, беше фокусиран исклучиво на надзорот и заштитата на онлајн активноста на тинејџерите, при што малку внимание се посветува на приватноста и безбедноста на идентитетот на малите деца кои се отворено нагризувани од објавите на родителите на интернет. Ова прашање дополнително се комплицира со Рециталот 18 од GDPR кој ги иззема домашните и личните активности на интернет од ограничувањата и заштитата наметнати со GDPR. [8]

GDPR го става надзорот над дигиталната приватност на децата во рацете на родителите, без оглед на нивната дигитална компетентност. Регулативата притоа, не признава дека родителите можеби не секогаш постапуваат во најдобар интерес на нивните деца или можеби немаат доволно технички познавања за да ја заштитат приватноста на нивните деца на интернет.[9] Овој забрзан обид да се гарантира безбедноста на децата на интернет не успеа да ја гарантира приватноста на сите деца, особено на оние деца кои имаат зголемено присуство на интернет и изложеност на опасност како резултат на онлајн вмрежувањето на нивните родители. Со оглед на тоа дека GDPR е пресликана и во нашиот Закон за заштита на личните податоци, истите предизвици во однос на правната заштита на приватноста на децата на интернет просторот се актуелни и кај нас.

Целосниот обем и долгорочниот ефект на практиката на споделување врз животниот век на детето не се квантитативни бидејќи технологијата е минлива. Ова е комплицирано со оглед на фактот дека ефектот на „споделување“ можеби не е моментален. Наместо тоа, тој вклучува собирање на мноштво информации што може да се искористат во иднина, поради што станува тешко да се утврдат директните последици од споделувањето. Ова ја нагласува потребата да се заштитат децата од објавување на социјалните мрежи и ја илустрира длабочината на потенцијалните реперкусии.[10]

Итна потреба од промена на постојните „офлајн“ норми

Новите работни ангажмани на децата во дигиталниот свет, како што се на децата-инфлуенсери, не секогаш се вклопуваат во законските рамки што некогаш беа развиени за аналогниот свет. Ова ги остава децата незаштитени од штетни или нездрави ситуации. Примената или спроведувањето на постојните „офлајн“ норми најчесто не е доволно, па оттука законите неопходно е да бидат приспособени со цел да обезбедат дека нормите имаат целосен ефект и во дигиталниот свет. Целосниот преглед на законите кои се однесуваат на детскиот труд е неопходен за да се обезбеди заштита на заработката и и на правата на децата кои учествуваат во најновите форми на дигитален детски труд.

Од круцијално значење, меѓутоа, е и промена на длабоко вкоренетите општествени норми кои им доверуваат на родителите апсолутно овластување врз приватноста на децата. Општеството треба да се оддалечи од верувањето дека семејството е над лупата. Неопходно, во оваа смисла, е родителите да ја приоретизираат детската добросостојба, приватност и безбедност над популарноста и трендовите на интернет.

Потребно е сите да го прифатиме фактот дека приватноста на децата е само нивна, а возрасните се тука само за да ја заштитат. Ако постои двоумење како, одговорот е едноставен – со минимум споделување на нивните лични податоци и онлајн и офлајн, и само во ситуации кога тоа е навистина потребно.

 

[1] Edwards, Madyson, Children Are Making It Big (For Everyone Else): The Need For Child Labor Laws Protecting Child Influencers (February 8, 2023). UCLA Entertainment Law Review, Forthcoming, Available at SSRN: https://ssrn.com/abstract=4351827 or http://dx.doi.org/10.2139/ssrn.4351827

[2] Simone van der Hof, E. Lievens, I. Milkaite, V. Verdoodt, T. Hannema, T. Liefaard, The Child’s Right to Protection against Economic Exploitation in the Digital World, The International Journal of Children’s Rights 28 (2020) 833-859 available at: https://creativecommons.org/licenses/by-nc/4.0/

[3] https://www.pbs.org/newshour/show/momfluencers-urged-to-stop-showing-kids-on-social-media-to-protect-their-privacy

[4] https://www.nytimes.com/2023/10/10/style/children-influencers-money.html

[5] Leaver, T., Highfield, T. (2018) ‘Visualising the ends of identity: pre-birth and post-death on Instagram’, Information, Communication & Society, 21(1), 30-45.

[6] https://www.nominet.uk/parents-oversharing-family-photos-online-lack-basic-privacy-know/

[7] Livingstone, S. (2018) ‘Children: a special case for privacy?’, Intermedia, 46(2), 18-23.

[8] Donovan, S. (2020) ‘“Sharenting”: The Forgotten Children of the GDPR’, Peace Human Rights Governance, 4(1), 35-59.

[9] OECD (2021), “Children in the digital environment: Revised typology of risks”, OECD Digital Economy Papers, No. 302, OECD Publishing, Paris, https://doi.org/10.1787/9b8f222e-en.

[10] Donovan (2020)

Текстот е превземен во интегрална и оригинална форма од МЗМП и Академик.мк не е одговорен за неговата содржина, ниту за евентуалните грешки.