/Прочитано:

585

Промовирана веб-платформата „Џастис обзерверс“ на Центарот за правни истражувања и анализи

Центарот за правни истражувања и анализи, во рамките на проектот „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството”, го промовираше веб-порталот Џастис обзереверс.

На денешниот настан обраќања имаа Никола Јовановски и Жарко Хаџи-Зафиров од  Центарот за правни истражувања и анализи и Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Никола Јовановски појасни дека веб-порталот е платформа каде што тим од меѓународни и национални правни експерти ги разгледуваат меѓународните и националните практики и работата на националните судови, анализираат и коментираат одлуки на домашните судови и предложуваат насоки за зајакнување на уедначеноста на правната аргументација на судовите во Македонија.

Жарко Хаџи-Зафиров од  Центарот за правни истражувања истакна дека идејата за ваква платформа потекнува од трендот што постои во Европа, кој има цел да го доближи судството и воопшто правосудството до граѓаните, односно до пошироката јавност.

Целта е секој став на повисок суд да стане близок до граѓаните. Идејата, нагласи Хаџи-Зафиров, не е да бидат критикувани судските одлуки, туку да се даде анализа на одлуките што имаат значење за правниот поредок на Република Македонија.

„На веб-порталот предвидено е да бидат анализирани и коментирани одлуки од Уставниот суд, Управниот суд, Врховниот суд, Вишиот управен суд и од сите апелациски судови во Македонија, како и од Европскиот суд за човекови права. Исто така, предвидено е на месечно ниво до март 2020 година да се обработуваат од три до четири одлуки кои ќе бидат од различни судови“, образложи Хаџи-Зафиров.

На денешниот настан свое обраќање имаше и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Наташа Габер-Дамјановска, која го нагласи значењето на проектот кој, како и страницата на Европскиот суд за човекови права, ќе биде местото каде што ќе може да се коментираат судските одлуки.

„Во последно време работата на судовите поактивно се следи од страна на медиумите, но сепак повеќе акцент во јавноста е даден на самиот исход на предметот, а не на образложението на кое се темели тој исход. Обработките на интересни судски предмети од страна на експерти ќе бидат кратки, содржајни и ќе претставуваат основа за понатамошна дискусија, што е мошне важно во оваа сфера“, нагласи Габер-Дамјановска.

Од основањето во 2012 година, Центарот за правни истражувања и анализи – ЦПИА работи во областа на владеењето на правото, пристап до правдата, демократизација, добро владеење, и човекови права. ЦПИА се залага за постигнување на своите цели преку активности поврзани со правни истражувања, развој на правни ресурси, мобилизирање на заедницата, градење правна свест и обезбедување правни совети и мислења.

Мисијата на ЦПИА е да ги оспособи граѓаните, како индивидуално така и колективно, подобро да го разберат функционирањето на правниот систем и неговата ефикасност, како и влијанието што го има тој врз нивниот живот во рамките на владеењето на правото.

М.В