/ Прочитано:

1.002

Распишан нов оглас. Собранието не избра член на Судскиот совет од пријавените кандидати

Ниту еден од кандидатите не бил прифатен бидејќи на огласот се пријавиле тројца кандидати, од кои еден подоцна ја повлекол својата кандидатура, а друг не ги исполнувал условите од конкурсот и поради тоа Собранието ќе распише уште еден оглас за да не се врши избор од само еден пријавен кандидат чија кандидатура останала докрај.

Судски совет, седница

Комисијата за прашањата на изборите и именувањата не го усвои заклучокот по Огласот за избор на член на Судскиот совет кој се избира од Собранието на РМ.

Како што истакна претседателот на Комисијата, Зоран Илиоски, Комисијата нема да утврди предлог за член на Советот од пријавените кандидати.

„Комисијата ќе достави заклучок до претседателот на Собранието со кој ќе го извести дека Собранието треба да распише нов оглас за избор на член на Судскиот совет кој го избира Собранието“, рече Илиоски.

Како што појасни, ниту еден од кандидатите не бил прифатен бидејќи на огласот се пријавиле тројца кандидати, од кои еден подоцна ја повлекол својата кандидатура, а друг не ги исполнувал условите од конкурсот и поради тоа Собранието ќе распише уште еден оглас за да не се врши избор од само еден пријавен кандидат чија кандидатура останала докрај.

За член на Судскиот совет на Република Македонија се избира лице од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и другите истакнати правници, кое е:

– државјанин на Република Македонија;

– дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија, со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно дејствување и ужива углед, поседува интегритет за вршење на функцијата член на Советот и поседува социјални способности за вршење на функцијата член на Советот, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови.

Пријавата за учество на овој оглас, личната биографија и потребните документи за докажување на исполнувањето на условите од точката 2 алинеи 1 и 2 на овој оглас, во оригинал или копија заверена на нотар, заинтересираните кандидати треба да ги поднесат до Собранието на Република Македонија во рок од 15 дена од денот на објавувањето на Огласот во „Службен весник на Република Македонија“.

Кандидатите полагаат психолошки тест и тест за интегритет во согласност со членот 11-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на РМ“ број 61/2015). Во однос на термините за полагање на тестовите, кандидатите ќе бидат дополнително известени од страна на Судскиот совет на Република Македонија, поради што е потребно во пријавите да наведат контакт-телефон и и-мејл адреса. Трошоците за полагање на психолошкиoт тест и тестот за интегритет паѓаат на товар на кандидатите.