/ Прочитано:

2.833

Реакциите на адвокатите се оправдани, вели претседателот на АКРМ 

Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Никола Додевски, вели дека реакциите искажани од адвокатите се спонтани и оправдани и произлегуваат од нивниот револт од предложените законските измени за нотаријатот кои се на штета на адвокатурата и на граѓаните.

Додевски посочува дека на 28 февруари 2018 доставил допис до претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, во кој е образложен процесот на измени и дополнувања на Законот за нотаријатот, и во писмена форма се доставени сите предлози и забелешки на Адвокатската комора, како и целокупната кореспонденција на Комората со Министерството за правда. Со дописот се бара средба на која покрај опишаниот проблем би се разгледале и другите проблеми со кои се соочува адвокатурата во Република Македонија.

Во дописот  до премиерот, претседателот на АКРМ го нагласува значењето на адвокатурата од уставен аспект, но и од аспект на правната сигурност на граѓаните, особено во делот на нотарските постапки. Исто така, во дописот Додевски истакнува дека адвокатурата во моментот ја вршат 2.776 адвокати од кои секој вработува и дополнителен број правници и стручни соработници.

„Адвокатурата е единствената правна професија која е отворена за невработените млади правници, најнапред како приправници, а потоа како адвокати. Годишно бројот на адвокати се зголемува за околу 200 нови  адвокати. Зачувувањето на обемот на работата на адвокатите е од суштинско значење за опстанокот на адвокатурата“, пишува Додевски во дописот упатен до премиерот Заев.

Адвокатите бараат реформи на сите прописи кои ѝ штетат на адвокатурата, во спротивно најавуваат штрајк

М.В